Miraç Kaya
01 Мај 2026•Ажурирај: 01 Мај 2026
Во областа Дурсунбеј во турски Баликесир, семејството Оздемир веќе пет генерации се занимава со ковачки занает и со децении произведува алатки, како секири и српови, јавува Анадолу.
Хусеин Оздемир (52), кој уште како дете почнал да работи во работилницата наследена од дедо му во индустриската зона во Дурсунбеј, со голема љубов го работи својот занает, а во последно време таа традиција ја продолжува неговиот син Осман Оздемир (21).
Семејството Оздемир со својот занает, пренесен од дедо на внук, со години помага во намирувањето на потребите на целиот регион.
Осман Оздемир, кој завршил насока за метална технологија во средното училиште во Дурсунбеј, денес работи рамо до рамо со својот татко. Тој со многу љубов ја збогатува нивната семејна ризница на производи, изработувајќи необични предмети од железо, како гитари и двосечни секири, какви што често гледаме во филмовите.
Таткото и синот, стоејќи пред жарот и наковалната, заеднички се трудат времето да не го изгасне нивното огниште.
- „Добиваме нарачки и надвор од нашата област“ -
Таткото Хусеин Оздемир за Анадолу раскажа дека овој занает е аманет од неговите предци.
Посочувајќи дека неговиот син е петта генерација што го презема занаетот, тој вели:
„Откако почина татко ми, ние го презедовме бизнисот. Штом завршив основно училиште, почнав со оваа работа. Продолживме и сè додека Господ ни дава сила и моќ, ќе одиме понатаму. Некои професии се чиста љубов. Ние пораснавме со овој занает, тоа го видовме од татко ми. Имав можности да заминам во други градови, но никогаш не помислив на такво нешто. Со овој занает нема да останеш гладен. Нема да бидеш зависен од никого. Ќе си го проживееш животот убаво и чесно. Господ секому нека му даде чесна заработка.“
Оздемир рече дека сè уште учи нови нешта и додава: „Некои работи се учат низ обиди и грешки, но главно продолжуваме така како што учиме од нашите мајстори. Со напредокот на технологијата има нови машини, па занаетот стана малку полесен од порано. Добиваме нарачки и надвор од нашата општина, изработуваме и посебни, специфични предмети по желба.“
Мајсторот рече дека сѐ потешко се наоѓаат чираци.
„Кај нас полека овој занает се заборава. Тоа што синот е покрај мене и што го презема бизнисот, ми дава сила и енергија. Јас веќе се пензионирав, ако син ми не беше со мене, ќе ставев клуч на вратата и ќе го затворев дуќанот. Сега работам за него. Тој го учи занаетот. Денес младите размислуваат поинаку. Ние бевме деца на телевизијата, тие се деца на компјутерите. Новите генерации подобро ја гледаат иднината. Јас секогаш стојам зад син ми, што и да посака да направи во врска со својата професија, ја има мојата поддршка.“
- „Занаетот на моите дедовци за мене е наследство“ -
Осман Оздемир раскажува дека веќе осум години работи покрај својот татко. Вели дека многу ја сака професијата, но признава дека работата со татко има свои привилегии, но и тешки страни.
Внимателно го следи секој потег на татко му за да ги научи сите префинети детали на занаетот.
„Штом влеземе во дуќанот, нашиот однос продолжува како мајстор и чирак. Оди многу добро. Заедно се трудиме да постигнеме нешто. Занаетот на моите дедовци за мене е наследство. Имав и други можности, но не почувствував потреба за нив. Тука сум на своето, го носам аманетот на моите предци. Сѐ повеќе се намалува бројот на луѓе што го работат ова, но оние што гледаат дека го работам ова ме ценат, а кога ќе ги видат моите производи, ми честитаат. Своите дела ги споделувам и на социјалните мрежи. Не сакам да бидам последниот во низата, навистина сакам и други млади да продолжат во оваа насока. Можеби во иднина бизнисот ќе продолжи преку рацете на моето дете. Не е лесно, но јас се трудам да го исполнам мојот дел.“