Yıldız Nevin Gündoğmuş
11 Август 2021•Ажурирај: 12 Август 2021
АНКАРА
Глобалното затоплување ќе влијае на Турција, како и на секоја друга држава во светот, а за 80 години би можело да доведе до тоа температурите во таа земја да се зголемат и за драстични 6,5 степени, предупреди денеска научник од Анкара, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Глобалното затоплување, како што е потврдено во новиот климатски извештај на ОН, ќе продолжи во наредните децении и врз основа на новите извештаи на Меѓувладините панели за климатски промени (IPCC), ќе продолжи и по 2100 година“, изјави Исмаил Јуџел, градежен инженер кој студира Климатски промени на Средноисточниот технички универзитет во Анкара (METU).
Зборувајќи за извештајот „Климатски промени - распространети, брзи и интензивирачки“, објавен во понеделникот, Јуџел изјави дека со глобалното затоплување, капацитетот на воздухот да задржи водена пареа би се зголемил за околу 7 отсто.
„Во нашиот свет кој брзо се затоплува се очекува просечните количества врнежи да имаат голема просторна варијабилност, додека многу региони ќе доживеат интензивни краткотрајни екстреми врнежи со сѐ поголема зачестеност“, изјави Јуџел, укажувајќи на претстојното сѐ поекстремно време.
Неодамнешните климатски симулации покажуваат дека летната суша во Турција во есен се зголемува и до 30 отсто.
„Според умерените и песимистични сценарија, затоплувањето забележано во текот на летниот период ќе достигне рекордни нивоа меѓу 3,5 и 6,5 степени кон крајот на векот во турскиот западен Медитеран, внатрешноста на Егејот и во јужните региони“, додаде Јуџел, укажувајќи на промените на температурите.
Тој објасни дека тоа би го зголемило ризикот од суша, што би довело до зачестени топлотни бранови.
„Кога екстремните температури траат најмалку три дена по ред, тоа исто така би го зголемило ризикот од избивање пожар во светот и кај нас“, објасни тој.
Истакнувајќи дека во турските крајбрежни подрачја би можело да има повеќе врнежи отколку во внатрешноста, Јуџел изјави дека абнормалните промени на температурите забележани во Средоземното Море и Црното Море исто така предизвикуваат поплави во овие региони, поместувајќи го ефектот од обилните врнежи од крајбрежните области во внатрешноста и поголемите височини.
„Покрај глобалното затоплување, екстремните временски непогоди кои обично траат само неколку минути, сега можат да траат неколку часа“, нагласи Јуџел, додавајќи дека оваа ситуација со себе носи опасност од свлечишта, особено во источниот регион на Црното Море.