Nilay Kar
21 Октомври 2019•Ажурирај: 22 Октомври 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Денес во Истанбул започнува третото издание на годишниот меѓународен состанок „ТРТ Светски форум“ (TRT World Forum), чиј домаќин е јавниот радиодифузер ТРТ, јавува Anadolu Agency (AA).
На дводневниот Светски форум на ТРТ со тема „Глобализација во повлекување: Ризици и можности“ ќе присуствуваат креатори на јавното мислење, политичари, академици и новинари од многу земји низ целиот свет.
Форумот ќе трае два дена со повеќе од 10 сесии на кои ќе се дискутира за прашањата што ја окупираат светската агенда, како десничарскиот тероризам, зголемувањето на популизмот и национализмот, иднината на Блискиот Исток, трговските војни, иднината на ЕУ и соработката на новите сили.
На вториот ден од „ТРТ Светскиот форум“ ќе се дискутира за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги.
Посебна сесија ќе биде посветена на прашањето за убиството на Кашоги во Саудискиот конзулат во Истанбул, и неговата поврзаност со менувањето на геополитичкиот баланс на Блискиот Исток.
Ијад ал Багдади, претседател на Фондацијата „Кавакаби“ со седиште во Норвешка; Ајман Нур, лидер на партијата „Гад ал Тавран“ и поранешен египетски претседателски кандидат; Јасин Актај, советник на претседателот на АК Партијата; Дејвид Херст, одговорен уредник на веб-сајтот „Middle East Eye“ од Лондон; Тевекул Кармен, претседателка на групата за човекови права „Новинарки без синџири“, инаку добитничка на Нобеловата награда за мир во 2011 година; и Јахја Ибрахим, саудиски активист за човекови права и основач на организацијата ALQSТ, ќе ги бараат одговорите во врска со убиството.
Меѓу другите учесници на „ТРТ Ворлд форум“ се претседателката на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН), Марија Фернанда Еспиноса Гарсес, поранешната претседателка на Бразил, Дилма Вана Русеф, лидерот на малезиската Партија за народна правда, Анвар Ибрахим, грчкиот главен опозициски лидер, Јанис Варуфакис, романскиот министер за европски работи, Ѓеорѓе Чамба, поранешниот австриски канцелар, Кристијан Керн, поранешниот премиер на Финска, Еско Тапани Аховил, и поранешниот сириски премиер, Ријад Фарид Хиџаб.