АНКАРА
Со низа пригодни настани во Турција денеска се одбележува петтата годишнина од обидот за воен удар со кој терористичката организација ФЕТО се обиде да го урне демократскиот поредок во земјата и тоа со посредство на терористите кои претходно ги инфилтрирала во Вооружените сили, а кои отворија оган кон сопствениот народ од оружје што народот и државата им го доверија.
Организацијата ФЕТО и нејзините членови инфилтрирани во војската, полицијата и другите државни институции, во текот на крвавиот обид за воен удар на 15 јули 2016 година го покажаа своето вистинско терористичко лице и намери, убивајќи најмалку 251 лице.
Обидот за воен удар беше осуетен и задушен откако народот на Турција, на повик на претседателот Реџеп Таип Ердоган, храбро излезе на улиците и плоштадите и ја бранеше демократијата и татковината од пучистите.
Со спроведената истрага е утврдено дека почетокот на воениот удар првенствено бил планиран за 3:00 часот на 16 јули, но терористите, нападот на уставниот поредок на Турција го започнаа во 20:30 часот на 15 јули. Анкара се најде во фокусот на настаните на таа крвава ноќ од 15 кон 16 јули 2016 година.
Терористите на ФЕТО, воениот удар се обидоа да го водат од воздухопловната база „Акинџи“ кај Анкара, заробувајќи голем број офицери, меѓу кои беа и Фахри Касирга, генералниот секретар на Канцеларијата на претседателот на Турција и Хулуси Акар, тогашниот началник на Генералштабот на Турската армија.
Пучистите во текот на обидот за воен удар користеа тенкови, оклопни возила и оружје на турската војска, а терористите на ФЕТО инфилтрирани во воздухопловните сили на Турската армија, таа ноќ, меѓу другите локации, ги бомбардираа и зградата на Големото народно собрание на Република Турција, претседателската палата, седиштето на полицијата и Центарот за емитување на сателитски сигнал „Турксат“.
Според податоците што ги анализира новинарот на АА, во обидот за воен удар учествувале повеќе од 8.000 терористи инфилтрирани во војската, 35 воени авиони, 3 брода, 37 хеликоптери, 74 тенка, 246 оклопни возила и приближно 4.000 парчиња пушки и друго лесно оружје.
Обидот за воен удар раководен од базата „Акинџи“ остана запаметен како мрачна ноќ и дамка во историјата на Република Турција.
Иако пучистите со ниски летови над градовите, особено во Анкара и Истанбул, како и со движењето на тенковите и оклопните возила по улиците се обидоа да предизвикаат страв и што побрзо покорување на земјата, турскиот народ излезе на улиците и плоштадите и со златни букви го испиша историскиот еп за прикажаниот отпор во заштита на земјата.
Офицер од Командата на копненото воздухопловство на турската војска во 16:16 часот на 15 јули 2016 го посети седиштето на турската Национална разузнавачка служба (МИТ) и ги извести надлежните органи дека има сознанија дека терористите на ФЕТО инфилтрирани во турската војска наскоро планираат да изведат напад со цел да го заробат шефот на МИТ, Хакан Фидан. Службеници на МИТ во тоа време го известија генералот Јашар Ѓулер, вториот човек на Генералштабот на Турската армија, а Фидан и еден од неговите заменици, одделно пристигнале во седиштето на Генералштабот.
Увидувајќи дека нешто се случува во Генералштабот, пучистите на ФЕТО панично реагираа и во 20:30 часот го започнаа обидот за воен удар, кој првобитно бил планиран за 3:00 часот по полноќ.
Во моментите кога челникот на МИТ, Фидан, го напуштил комплексот на Генералштабот, од воздухопловната база „Акинџи“ со автобус кон Генералштабот тргнаа 33 припадници на Командата на специјалните сили кои учествуваа во обидот за пуч.
Мехмет Дишли, тогашниот шеф на Одделот за стратегиски работи на Генералштабот, во 21:00 часот на началникот на Генералштабот, Акар, му соопшти дека започнала операција за воен удар и дека пучистите тргнале да заземаат сѐ по ред. Акар на тие зборови реагирал изјавувајќи дека нема да го поддржи воениот удар, по што пучистите му ги врзале рацете и нозете и му ја затвориле устата.
Терористите на ФЕТО во униформи на Командата на специјалните сили, во командата на Генералштабот го заробиле тогашниот командант на копнените сили на Турција, Салих Зеки Чолак, генералот Ихсан Ујар и офицерот Јунус Џан. Булен Ајдин, придружбата на командантот Чолак, убиен е кога се обидел да им се спротивстави на пучистите.
Во тие моменти авионите вршеле ниски надлетувања над Анкара кои предизвикале голема конфузија во главниот град на Турција. Во обидот за воен удар се приклучија и илјадници пучисти од другите воени бази и касарни.
Во моментите кога сите се прашуваа што се случува и која е причината за толку голем број воени активности, тогашниот премиер на Турција, Бинали Јилдирим, на телевизиските екрани во 23:2 часот на јавноста ѝ соопшти дека во тек е обид за воен удар, додавајќи дека сите одговорни за тој нелегален чин ќе бидат најостро осудени.
Минута подоцна пучистите со хеликоптер од Генералштабот, во базата „Акинџи“ го префрлија заробениот началник на Генералштабот, Акар. Во базата „Акинџи“ кај Анкара пучистите ги донесоа и бројните други заробеници, високи воени претставници, како што е генералниот секретар на Претседателството на Турција, Фахри Касирга, заменик-началникот на Генералштабот, Јашар Ѓулер, командантот на жандармеријата, Галип Менди, командантот на воздухопловните сили, Абидин Унал и други.
Пучистите го заробија и шефот на Одделот на турската полиција за антитероризам, Тургут Аслан и неговата придружба кои го посетија седиштето на жандармеријата со цел да се распрашаат за воените активности.
Во екот на случувањата пучистите во 23:18 часот со авиони Ф-16 го бомбардираа Одделот на турската специјална полиција во местото Ѓолбаши, каде што се убиени 7, а ранети 5 лица.
Во првите секунди од 16 јули 2016 година пучистите го бомбардираа и Одделот на турската полиција за специјални операции, кој исто така се наоѓаше во Ѓолбаши. Во овој напад се убиени 44, а ранети 36 полицајци.
Следуваше и напад со хеликоптери на комплексот на МИТ, а пучистите пристигнаа и во седиштето на Турската радио-телевизија (ТРТ) и ја принудија презентерката во програма во живо да го прочита прогласот за воен удар.
Претседателот на Турција, Ердоган, во 00:24 часот телефонски се јави во живо на телевизискиот канал „Си-ен-ен Турк“ (CNN Turk) и потврди дека станува збор за обид за воен удар кој го изведува помал дел од војската со која раководат паралелни структури. Ердоган претходно е евакуиран од хотел во Мармарис, каде што престојувал со семејството, а каде што бил испратен тим на терористи на ФЕТО со цел да го убијат или заробат.
Ердоган ги повика жителите на Турција да излезат на улиците и плоштадите и да им се спротивстават на пучистите, а народот го послуша повикот и почна да се собира на улиците и плоштадите во земјата, вклучувајќи ги и плоштадите кај Генералштабот, претседателската палата, седиштето на владејачката Партија за правда и развој (АК партија) и Командата на жандармеријата. Голораките граѓани на улиците им се спротивставија на вооружените пучисти.
Граѓаните го блокираа патот и конвојот на пучистите кои од касарната во Полатли тргнаа кон Анкара, а пучистите убија осуммина граѓани кои беа меѓу масата народ собрана пред базата „Акинџи“.
Вооружени воени авиони продолжија да полетуваат од базата „Акинџи“ и со ниски надлетувања над градот го пробиваа звучниот ѕид за да го заплашат народот кој во тие моменти им ги блокира улиците и плоштадите низ цела Турција. Пучистите во Генералштабот ги префрлија и студентите од Воената академија.
Следуваше напад со хеликоптери на седиштето на „Турксат“ во Ѓолбаши, со цел да се запре емитувањето на сателитскиот сигнал од Турција.
Во 00:56 и во 1:8 часот следуваше бомбардирање на Дирекцијата на турската полиција. Убиени се 2 лица, а 39 се ранети. Пучистите со тенкови пристигнаа пред седиштето на полицијата и убија 8 граѓани кои им се спротивставија.
Поранешниот бригаден генерал Семих Терзи, со пучистите од специјалните сили од Дијарбакир пристигна во Анкара со авион во 1:13 часот и тоа со цел да го заземе седиштето на Командата на специјалните сили во Ѓолбаши.
Командантот на специјалните сили, Зекаи Аксакали, во таа пригода на офицерот Омер Халисдемир му наредил да го убие Терзи, за кого рекол дека е предавник и пучист. Халисдемир гу убил генералот пучист Терзи кој пристигнал во штабот на специјалните сили, а пучистите од Терзиевата придружба го убиле Халисдемир.
Офицерот Омер Халисдемир со тоа го смени текот на обидот за државен удар и стана симбол на отпорот против пучистите.
Во 1:39 часот започна вонредната седница на Големото народно собрание на Република Турција на која присуствуваа претставници од сите парламентарни партии, застанувајќи на тој начин во одбрана на демократијата и уставниот поредок на Турција.
Граѓаните им се спротивставуваа на пучистите кои со тенкови и оклопни возила минуваа по улиците. Пучистите отворија оган врз граѓаните од хеликоптер, при што во нападот пред Генералштабот и седиштето на жандармеријата се убиени 38 лица.
Во тие моменти авиони од типот Ф-16 ја ракетираа зградата на турскиот Парламент во која се одржуваше вонредна седница.
Во тоа време легитимните турски сили почнаа да ги приведуваат пучистите кои се обидуваа да го заземат седиштето на ТРТ, а телевизиската програма во 3:00 часот е вратена под контрола на уредништвото на телевизијата.
Пучистите повторно ја бомбардираа зградата на Парламентот и „Турксат“. Во нападот на Парламентот ранети се 32 лица, а дополнително е утврдено дека во нападот врз Парламентот е причинета материјална штета од 20 милиони лири (околу 1.973.000 евра).
Турските сили приведуваа сѐ повеќе пучисти, а во 4:29 часот пресечена е електричната енергија во базата „Акинџи“, која беше штабот од каде што пучистите го водеа предавничкиот обид за воен удар.
Во првите утрински часови пучистите ја нападнаа претседателската палата. Пучистите со авиони Ф-16 извршија повеќе напади во близина на палатата каде што се убиени 15, а ранети 7 лица.
Рано наутро турските пилоти кои не учествуваа во пучот изведоа напади врз пистата на базата „Акинџи“ и го спречија понатамошното полетување на пучистичките авиони од базата.
Како резултат на нападите на полицијата и турскиот народ, началникот на Генералшабот, Акар, е ослободен во 8:26 часот и со хеликоптер е префрлен од базата „Акинџи“ во палатата „Чанкаја“.
Во тие моменти ослободено е и седиштето на жандармеријата, а пучистите кои увидоа дека обидот за воен удар е неуспешен, почнаа да го напуштаат Генералштабот и ѝ се предаваа на полицијата.
Специјалната полиција ја презеде контролата над Генералштабот, а тогашниот премиер Јилдирим во 12:57 часот пристигна во палатата „Чанкаја“.
Јилдирим официјално соопшти дека е спречен воен удар, а покрај него стоеја и началникот на Генералштабот, Акар, министерот за внатрешни работи, Ефкан Ала, министерот за обрана, Фикри Ишик и министерот за правда, Бекир Боздаг.
Турција упати официјално барање до Соединетите Американски Држави (САД) да ѝ биде испорачан Фетулах Ѓулен, лидерот на терористичката организација на Фетулах (ФЕТО), кој живее во САД.
Членовите на оваа терористичка организација, со години, местејќи испити, напредувале во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во државните институции. Потоа, првенствено во декември 2013 година, поддржувачите на ФЕТО, со монтиран процес во турското правосудство се обидоа судски да гонат голем број високи функционери.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека станува збор за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која се активни. На тоа во повеќе наврати укажаа и турските официјални претставници. Во текот на обидот за пуч во Турција животот го загубија 251 лице, а ранети беа околу 2.200.
news_share_descriptionsubscription_contact
