Adsız Günebakan
09 Април 2019•Ажурирај: 10 Април 2019
АНКАРА (АА) - Во рамките на истрагата против елементите на терористичката организација ФЕТО, кои се инфилтрирани во Турските вооружени сили и во другите институции, турските обвинителства издадоа налози за лишување од слобода на 303 осомничени лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Обвинителството во Анкара нареди приведување на 102 осомничени лица, а полицијата започна операции во 23 града и досега приведе 63 осомничени лица.
За поголемиот дел од приведените е утврдено дека користеле „БајЛок“, таен канал за комуникација кој го користеше терористичката организација ФЕТО.
Паралелно со тоа, Обвинителството во Измир нареди приведување на 41 осомничено лице поради сомнеж дека биле инфилтрирани елементи на ФЕТО во турската војска.
Меѓу осомничените има 29 активни војници, а постапувајќи по налогот, полицијата спроведува акција на приведување во 13 града.
Сличен налог за приведување на 80 осомничени лица издаде Обвинителството во Коња, а полицијата спроведува акција за приведување во 29 града. Досега се приведени најмалку 16 осомничени лица.
Обвинителството во Адијаман нареди приведување на 27 осомничени лица кои исто така се товарат за членување во терористичката организација ФЕТО. Досега се приведени 25 осомничени лица, а потерата за преостанатите две лица сѐ уште трае.
Кабинетот на обвинителството во Газиантеп нареди приведување на 32 осомничени лица, меѓу кои повеќе активни војници. Полицијата по осомничените трага во 16 турски градови.
Турската полиција утринава прими и налог за приведување на 25 осомничени лица кои ги бара Обвинителството во Зонгулдак. Во полициска акција во 10 града се приведени 23 осомничени лица.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација која ја предводи Фетула Ѓулен, кој живее во САД, а чие испорачување Турција официјално го бараше од САД.
Членовите на таа организација, со години, со местење на испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се во институциите на државата. Потоа, најпрво во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во правосудството низ наместен процес поради наводна корупција направија обид за процесуирање на голем број високи службеници.
Неколку години подоцна следуваше и крвав обид на терористите на ФЕТО, кога на 15 јули офицерите во турската војска, лојални на таа терористичка организација, извршија пуч. Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна, а на тоа во повеќе наврати укажаа и турските официјални претставници. За време на обидот за пуч во Турција загинаа 251 лица, а ранети се околу 2.200 лица.