Şafak Yel
08 Октомври 2019•Ажурирај: 09 Октомври 2019
АНКАРА (АА) - Во рамките на две посебни истраги, турските обвинителства утринава издадоа налози за лишување од слобода на 108 осомничени лица, кои се товарат за членство во терористичката организација ФЕТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамките на истрагата која за ФЕТО-елементите ја води Државното обвинителство во Измир, издаден е налог за приведување на 51 осомничено лице, меѓу кои се и сменетиот директор на полицијата, двајца адвокати, пет полициски службеници и еден универзитетски професор.
Паралелно со тоа, во одвоена истрага против инфилтрираните елементи на терористичката организација ФЕТО во турскиот правосуден систем, Државното обвинителство во Анкара утринава нареди лишување од слобода на 29 осомничени лица. Меѓу осомничените се наоѓаат и поранешни судии и адвокати.
Станува збор за истрага која откри дека инфилтрираните елементи на ФЕТО во 2013 година ги украле прашањата за државен испит за прием на судија и обвинител и дека на тој начин овозможиле инфилтрирање нови терористички елемети во правосудните институции на Турција.
Во рамките на одвоената истрага, Обвинителството во Анкара нареди и приведување на уште 28 лица, кои исто така се товарат за членство во терористичката организација ФЕТО.
Постапувајќи по налог на Обвинителството, турската полиција започна акција за приведување на осомничените во повеќе градови низ Турција.
Сите осомничени по кои турската полиција утринава трага се товарат дека биле членови на терористичката организација ФЕТО и дека со посредство на специјални канали за комуникација имале контакт со другите членови на таа терористичка мрежа.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, во ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација која ја предводи Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), а чие испорачување Турција формално го побара од САД.
Членовите на терористичката организација со години преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се така во државните институции. Потоа, прво во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во турското правосудство преку наместен процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат голем број високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше крвав обид на терористите на ФЕТО, кога на 15 јули 2016 година офицерите во Турската војска лојални на таа терористичка организација започнаа обид за пуч.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека станува збор за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во којашто е активна, а на тоа во повеќе наврати укажуваа турските официјални претставници. Во текот на обидот за пуч во Турција загинаа 251 лице, а беа ранети околу 2.200 лица.