Ekipa
16 Август 2017•Ажурирај: 17 Август 2017
АНКАРА (АА) - Ибрахим Калин, портпарол и заменик генерален секретар на кабинетот на турскиот претседател, изјави дека Турција не сака војна никаде во светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Калин при гостувањето во турската радиостаница „Best FM“ зборуваше и за тензиите меѓу САД и Северна Кореја.
„Не сакаме војна никаде во светот. Без оглед на тоа дали станува збор за конвенционална, нуклеарна, регионална или глобална војна, не веруваме дека таа ќе донесе мир во светот и спокој на човештвото“, смета Калин.
Калин изјави дека секој треба да заземе глобален став кога станува збор за нуклеарното вооружување.
„Тука е потребно да се биде доследен. Земјите што поседуваат нуклеарно оружје не прават всушност доволно од она што треба во рамките на договорот за спречување на ширењето на нуклеарното оружје“, изјави Калин.
Тој истакна дека доколку каде и да било во светот дојде до зголемување на можностите за војна, треба да се гледа кој и каква корист има од тоа.
„Компаниите за производство на оружје, за жал, секогаш профитирале“, потсети Калин.
Калин во врска за несогласувањата околу референдумот во Ирак повторно изјави дека основната причина зошто Турција се противи е зачувувањето на територијалната и политичка целост на Ирак.
„Тука не станува збор за каков било наш негативен став против ирачките, сириските или кои било други Курди во регионот“, истакна Калин.
Според неговите зборови, Турција се бори и ќе продолжи најостро да се бори против тероризмот.
Калин, портпаролот на кабинетот на претседателот на Турција, се осврна и на случаите кои се поврзани со државниот удар што воените лица лојални на терористичката организација ФЕТО се обидоа да го извршат во Турција, на 15 јули 2016 година.
„Колку европски организации кои трчаат таму на некој суд, отидоа да го следат судењето за 15 јули, или колку од нив одат? Нека дојдат, вратите им се отворени. Нека дојдат во група, нема никаков проблем. Нам ќе ни биде задоволство“, изјави Калин.