Ali Murat Alhas
02 Септември 2019•Ажурирај: 03 Септември 2019
КОЊА (АА) - Портпаролот на турското Претседателство денес ги повика Русија и Иран да обезбедат целосна имплементација на договорот за Идлиб, што беше потпишан за време на преговорите во Астана во 2018 година, јавува Anadolu Agency (AA).
„Режимот [на Башар ал Асад] мора веднаш да престане со нападите [во Идлиб] извршени под изговор на [постоење] терористички елементи“, рече Ибрахим Калин на конференцијата одржана во турската централна област Коња.
Калин истакна дека северозападниот сириски град Идлиб е одреден како деескалациона зона и беше под гаранција на Турција и Русија; сепак, режимот на Асад продолжи да врши напади во тоа подрачје, со цел да добие поголема територија преку јасно кршење на договорот за Идлиб.
„Решението [за Сирија] е реализирање на политичкиот процес веднаш, без одолговлекување“, рече тој, предупредувајќи дека на повидок е нова хуманитарна криза доколку не се постигне договор за политичко решение.
Калин додаде дека формирањето на Уставниот комитет, транзициската влада, одржувањето на изборите и аспектите на процесите од Астана и Женева треба да бидат вклучени во политичкото решение.
Тој додаде дека Турција, Русија и Иран ќе имаат трилатерална средба на 16 септември, што ќе ја води претседателот Реџеп Таип Ердоган, на која ќе се разговара за сириската криза.
Турција и Русија минатиот септември се согласија Идлиб да стане деескалациона зона во која актите на агресија се изречно забранети.
Според договорот, опозициските групи во Идлиб ќе останат во областите каде што веќе беа присутни, додека Русија и Турција ќе спроведат заеднички патроли во областа со цел да спречат продолжување на судирите.
Но, сирискиот режим и неговите сојузници постојано ги кршат условите за прекин на огнот, изведувајќи чести напади во деескалационата зона.
Турција алармира во врска со континуираните напади во Идлиб и опасноста за цивилите.