Abdulkadir Hüseyin Yıldırım
16 Јануари 2019•Ажурирај: 16 Јануари 2019
КИЛИС (AA) - Во турскиот град Килис започната е несекојдневна кампања, преку која децата чии родители престанале да пушат, на поклон добиваат велосипед, јавува Anadolu Agency (АА).
Имено, турската општина Килис додели велосипеди за 500 деца, откако барем еден од нивните родители се откажал од пушењето.
Свечената церемонија на доделување на велосипедите се одржа на локалниот стадион каде што се собраа голем број деца и нивните родители.
Целта на оваа несекојдневна кампања, која се одржува под називот „15 илјади велосипеди за 15 илјади домови“, е да се мотивираат што е можно поголем број граѓани да престанат со пушење.
Градоначалникот на Килис, Хасан Кара, за време на доделувањето на велосипедите истакна дека до денес поделиле вкупно 11.500 велосипеди.
Тој изрази надеж дека дека наскоро ќе бидат поделени и преостанатите 3.500 велосипеди.
Додаде дека кампањата привлече огромно внимание, особено на социјалните мрежи, каде што илјадници луѓе пишуваат дека идејата е многу оригинална и позитивна, предложувајќи ваквите проекти да продолжат.