Behçet Alkan
08 Април 2019•Ажурирај: 09 Април 2019
НЕВШЕХИР (АА) - БЕХЧЕТ АЛКАН -
Бројот на туристите во првото тримесечје од оваа година во Кападокија се зголеми за 14,5 отсто, на 440.686 илјади туристи, пишува Anadolu Agency (AA).
Кападокија има значајно место во природниот, историскиот и културниот туризам на Турција.
Оваа дестинација, во првото тримесечје на 2019 година беше посетена од поголем број туристи во споредба со истиот период минатата година.

Кападокија е позната по самовилските оџаци, долините со природни карпести формации, историските манастири издлабени во карпи, бутик-хотелите, како и по турнеите со балони со топол воздух.
Во последните години е забележан сериозен раст во бројот на туристите што доаѓаат во посета на овие уникатни убавини.
Според информациите на обласната Дирекција за култура и туризам, Кападокија во периодот јанури - февруари - март во 2014 година била посетена од 379.713 лица, во 2015 година од 364.563 лица, во 2016 година од страна на 182.162 лица, во 2017 година од 168.478 лица, додека во 2018 година била посетена од 384.862 туристи.

Во првото тримесечје од 2019 година, Кападокија била посетена од 440.686 лица, што е највисока бројка забележана во последните шест години.
Музејот на отворено во Ѓореме (208.048 туристи), подземниот град Кајмакли (94.993 туристи) и подземниот град Деринкују (66.203 туристи) се најмногу посетените локалитети во ова подрачје од локалните и странските туристи.

Мустафа Дурмаз, претседател на Асоцијацијата за развој на туризмот во Ѓореме, во изјава за АА истакна дека претставниците на овој сектор предвидувале дека ќе има зголемен интензитет во посетите во првите месеци од 2019 година, и дека во овие рамки, кон крајот на 2018 година направиле подготовки со цел да им понудат на туристите подобра услуга.
Дурмаз нагласи дека регионот за кој станува збор, овој период претежно е посетуван од туристи од Далечниот Исток и од европските земји, додека, според него, со растот на температурите, туристичката сезона ќе ги надмине капацитетите на овој регион.