Dejan Maksimoviç
01 Април 2017•Ажурирај: 02 Април 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Во Истанбул почнува традиционалниот 12. Меѓународен фестивал на лалиња, кој оваа година се одржува под мотото „Време е за лалиња”. Секоја година, градските власти на Истанбул садат милиони луковици на лалиња, кои цветаат речиси во сите бои, претворајќи го градот на Босфорот во волшебен, шарен ќилим. Во најпознатите паркови ширум Истанбул ќе бидат претставени стотици врсти на лалиња, јавува Anadolu Agency (AA).
За време на фестивалот, освен уживањето во прекрасните цветови и колоритот на лалињата кои цветаат во Истанбул, посетителите ќе имаат можност да уживаат и во други различни содржини.
Локалните музички групи пред посетителите ќе организираат концерти, а ќе бидат одржани и повеќе ликовни и изложби на фотографии со мотив лалиња, како и изложба на калиграфски трудови.
Во склоп на Меѓународниот фестивал на лалињата предвидени се и различни спортски активности, турнири во тенис за жени, фудбал на плажа и одбојка. На локации низ истанбулските паркови планирана е и изработка на топијар, а на посетителите ќе им биде овозможено да купат различни видови лалиња во сите бои.
Трета година по ред посетителите во период од 21. до 30. април на Плоштадот Султан Ахмет ќе имаат можност да видат шарен ќилим составен, од 564.000 лалиња кои ќе се простираат на површина од 1.731 квадратни метри.
Лалето има значајна улога во ориенталната историја и традиција. Периодот на 18. век во османлиското царство се нарекувал „Период на лалето” (Lale Devri). Се поврзува со периодот кога османлиските султани и големите везири, под влијание на Франција и Европа, имале поголема изразена љубов кон украсувањето на градините, особено со лалиња, која била поизразена отколку во останатите периоди на Османлиското царство
Лалињата често растат во период од март до мај и поради тоа се нарекуваат пролетни цвеќиња. Минатата година во Истанбул, на површина од 1.728 квадратни метри беше изложен ќилим од лалиња.
Фестивалот ќе трае до крајот на април.