Salih Baran
29 Декември 2019•Ажурирај: 31 Декември 2019
ЕДРЕНЕ
Мигрантите, кои се на пат од Турција кон Европската унија (ЕУ), тврдат дека грчките безбедносни сили нехумано се однесуваат кон нив, тепајќи ги и присилно враќајќи ги во Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Новинарот на АА од припадниците на турските безбедносни сили дозна дека грчките гранични сили со присила ги враќаат мигрантите, кои претежно нерегуларно ја минуваат реката Марица, во Турција наместо да ги регистрираат.
Околу 55 % од 130.000 мигранти фатени годинава, вратени се во Турција, спротивно на Договорот од Женева, Европската конвенција за човекови права и Конвенцијата на Обединетите нации (ОН) против насилство и тортура.
Официјалните лица наведуваат дека во последните неколку месеци е забележано сè почесто спроведување на незаконска практика.
Имено, поголемиот број од нерегуларните мигранти кои со присила се вратени во Турција, исцрпени се и со повреди, а оваа година, поради здравствени потешкотии предизвикани од претепување, во болница се згрижени повеќе од 5.000 нерегуларни мигранти.
Граничните единици на Турција минатата недела на границата со Грција фатија група нерегуларни мигранти.
Ним им е извршен лекарски преглед и се предадени на Дирекцијата за управување со миграции. Во текот на разговорот мигрантите рекоа дека припадниците на грчките сили ги тепале и со присила ги вратиле.
Еден од мигрантите рече дека со мобилен снимил како грчкиот граничар го удира неговиот пријател. На снимката објавена на социјалните мрежи може да се чуе како грчкиот граничар со нога го удира мигрантот, кој лежи на земја, и му вели: „Go back!“ (Врати се назад).
Исто така, оваа година во Едрене, на подрачјето на границата на Турција кон Европа, зголемен е бројот на фатени мигранти во однос на претходните години.
Во Едрене во 2016 година се фатени 29.670 мигранти, во 2017 година 47.731, во 2018 година 74.824, а до последната недела од декември оваа година фатени се 123.377 мигранти.