Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
12 Март 2022•Ажурирај: 13 Март 2022
АНТАЛИЈА (АА) - Историскиот билатерален состанок на министрите за надворешни работи на Турција и Ерменија, Мевлут Чавушоглу и Арарат Мирзојан, се одржа вчера на маргините на Дипломатскиот форум во Анталија, известува Агенција Анадолија (АА).
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, во обраќањето на новинарите го опиша состанокот со ерменскиот колега како „исклучително продуктивен и конструктивен“.
Чавушоглу истакна дека Азербејџан го поддржува процесот за нормализација на односите меѓу Анкара и Ереван.
Ерменскиот министер изјави дека неговата земја е одлучна да вложи напори за мир и стабилизација во регионот, и дека работи на нормализација на односите со Турција.
Односите меѓу двете земји влегоа во нова фаза откако беа именувани специјалните претставници за нормализација на односите меѓу Турција и Ерменија, Сердар Килич и Рубен Рубинјан, кои за првпат се сретнаа во Москва на 14 јануари. Вториот состанок е одржан во Виена на 24 февруари, а на оваа средба е „повторена согласноста за продолжување без предуслови“.
Вчера официјално започна вториот Дипломатски форум во Анталија, на кој учествуваат бројни политичари, дипломати, креатори на јавното мислење и интелектуалци од целиот свет, за да разговараат за актуелните глобални теми.
Форумот, чиј комуникациски партнер е Агенција Анадолија (АА), трае до недела и вклучува бројни панели и дискусии на кои учесниците ќе разговараат за широк спектар теми во врска со меѓународните односи. На Форумот учествуваат и бројни политичари од Балканскиот Регион.