Zülfiya Yakup
21 Април 2017•Ажурирај: 22 Април 2017
ПРИШТИНА (АА) - Во организација на канцеларијата за заедниците при кабинетот на премиерот на Косово, денес во зградата на Владата на Косово е одржана манифестација по повод „Националниот ден на Турците на Косово“, кој се одбележува на 23. април, јавува Anadolu Agency (AA).
На манифестацијата учествуваа премиерот на Косово, Иса Мустафа, министерот на јавната администрација од редовите на турската заедница, Махир Јагџилар, како и замениците-министри, пратениците и претставниците на невладините организации од редовите на малцинските заедници на Косово.
Премиерот на Косово, Иса Мустафа, во својот говор истакна дека турската заедница ужива почитување во независно Косово, и дека таа позиција ја стекнала со својата работа и посветеност на косовските институции.
„Овој ден го сметам за наш ден, ден за сите нас, сите граѓани на Косово, затоа што делиме заедничко минато, ја делиме сегашноста и ја делиме задничката идна судбина. Историјата на турската заедница е историја со многу добра и богата историја, со која сите се гордееме. Тоа е наша заедничка вредност и богатство на нашата земја“, изјави Мустафа.
Тој наведе дека турската заедница во Косово е важна за развојот на односите меѓу Турција и Косово.
„По повод овој празник, би ја нагласил мошне важната вредност и значењето на турската заедница во јакнењето и просперитетот на односите со турската држава, која секогаш го поддржувала економскиот и социјалниот развој на Косово и сакаме тие односи да бидат мултидимензионални“, изјави Мустафа.
Министерот за јавна администрација и претседател на Косовската демократска партија на Турците, Махир Јагџилар, истакна дека со голем број активности сака да ја сочува и да ја зајакне соработката меѓу заедниците, зачувувајќи го нивниот идентитет и активирајќи ги припадниците на заедниците во секоја област од животот.
„Јас лично и сите припадници на турската заедница во Косово сме горди и среќни што го славиме Националниот ден, денот кој припаѓа на сите Косовци, затоа што и овој ден е дел од независноста, дел од 17 февруари, дел од новата косовска историја. Славејќи, ние го промовираме Косово, турската заедница и љубовта кон татковината“, изјави Јагџилар.
Инаку, по повод Денот на Турците во Косово, во тридневна посета на Косово престојува заменик-министерот за странски работи на Република Турција, Ахмет Јилдиз.
Тој утринава се состана со косовскиот премиер, Иса Мустафа, а во текот на денот ќе се состане и со министерот на јавната администрација, Махир Јагџилар, додека в недела ќе присуствува на централната манифестација по повод 23 април – Денот на Турците во Косово, која ќе се одржи во Призрен.