Ercan Canbolat,Uğur Çil
23 Јуни 2017•Ажурирај: 24 Јуни 2017
АНКАРА (АА) - Министерството за надворешни работи на Турција го осуди соопштението од грчкото министерство за надворешни работи во врска со учењето на Куранот и езанот во истанбулската џамија Аја Софија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во истанбулската џамија Аја Софија, во средата беше организирана програма по повод одбележувањето на одбраната ноќ за муслиманите, Лејлетул Кадр. По сѐ изгледа, тоа му пречело на грчкото Министерство за надворешни работи, од каде што порачаа дека настанот претставува неприфатлива провокација.
Исто така, грчкото министерство денес порача дека е потребно да се поттикнува меѓурелигискиот дијалог, а не тој да се ослабува.
Во соопштението на Министерството за надворешни работи на Турција се осудуваат наводите на грчкото министерство, и се истакнува дека наместо на турскиот народ да му упатат честитка по повод Рамазан и ноќта Кадр, тие се обиделе да го искриват учењето на Куранот и езанот во Аја Софија.
„Јасна е состојбата на Грција кога е во прашање слободата на верата, што спаѓа во темелните човекови права“, се вели во соопштението.
Исто така, се наведува дека муслиманското турско малцинство во таа земја веќе подолго време е изложенo на притисоци по прашањето на слободата на верата. Се истакнува дека и оваа година на муслиманите во Солун им е одбиено барањето за извршување на молитвата Бајрам намаз во една од историските џамии, со оглед на тоа што овој град нема џамија отворена за молитва.
„Во таа смисла, се поставува прашањето што Грција подразбира под поимот меѓурелигиски дијалог, а во нејзиниот главен град нема ниту една џамија отворена за молитва. Ја повикуваме Грција да стане модерна, демократска земја, која ги почитува другите вери”, се порачува во соопштението на турското МНР.