Ebru Şengül Cevrioğlu
29 Јануари 2021•Ажурирај: 30 Јануари 2021
ИЗМИР (АА) - Третата пратка на бор од Турција преку железничката линија до Кина ќе го намали времетраењето на транспортот од претходните 45 - 60 дена по морски пат на само 15 - 20 дена со воз, изјави денеска турскиот министер за енергетика и природни ресурси, Фатих Донмез, јавува Агенција Анадолија (АА).
Донмез, говорејќи на настанот по повод тргнувањето на третиот воз за извоз на бор од Анкара кон неговата крајна дестинација Сиан во Кина, истакна дека Кина за Турција стана клучен пазар за извоз на руда со реализиран извоз од 5,8 милиони тони извоз во 2020 година.
И покрај сите тешкотии во 2020 година, тој рече дека Турција успеала да ја одржи својата позиција како водечки глобален играч во секторот за бор, покривајќи 57 отсто од глобалната побарувачка и достигнувајќи 1,73 милиони тони продажба на бор во светот.
„Ети Маден“, компанија за која министерот Донмез рече дека е одржлива и доверлива, меѓународен снабдувач на бор, ќе реализира извоз на 42 контејнери со бор со воз долг 754 метри од Кирка во Ескишехир, првично, на релација Анкара - Сивас - Карс, финализирајќи го своето патување во Турција на 2 февруари. Возот ќе го продолжи патувањето по железничката линија Баку - Тбилиси - Карс до Сиан, кое ќе трае околу две недели.
„Од Турција до Кина ќе помине вкупно растојание од 7.792 километри“, рече Донмез.
„Компанијата „Ети Маден“, која претходно извезуваше бор по морски пат, сега извезува со воз со солидна соработка со Турската државна железница“, истакна Донмез.
Транспортот со воз ќе се одвива на повеќе од 2.300 километри низ Турција, 220 километри низ Грузија, 430 километри низ Азербејџан, 420 километри преку Каспиското Море, 3.200 километри преку Казахстан и 2.100 километри низ Кина.
Првиот воз кој превезуваше стока од Турција за Кина тргна од Истанбул на 4 декември 2020 година и мина растојание од 8.693 километри и тоа низ Турција, Грузија, Азербејџан, Каспиското Море и Казахстан за да стигне до кинескиот град Сиан, завршувајќи го своето историско патување на 19 декември.
Вториот воз исто така тргна за Русија денеска.