Ali Murat Alhas
18 Март 2020•Ажурирај: 19 Март 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Поради глобалната пандемија на коронавирусот е одложен состанокот на членовите на жирито на „Istanbul Photo Awards 2020“, натпреварот што го организира Агенција Анадолија (АА).
Шестото издание на реномираниот натпревар „Istanbul Photo Awards“ привлече фотографи од целиот свет, а членовите на жирито требаше во текот на март да дојдат во Турција за да ги изберат победниците.
Заседанието на жирито е одложено поради глобалното ширење на потенцијално смртоносниот коронавирус.
Агенција Анадолија ќе ја извести јавноста за новиот термин на заседавање на жирито и за изборот на победниците на овогодишното издание на „Istanbul Photo Awards“, што е еден од низата меѓународни настани кои во текот на овие недели се одложени поради пандемијата.
Коронавирусот се појави во кинескиот град Вухан кон крајот на минатата година, а потоа се прошири во најмалку 163 држави и територии во светот. Светската здравствена организација (СЗО) прогласи глобална пандемија на Ковид-19.
Во светот со коронавирусот се заразени повеќе од 198.000 лица. Од последиците на заразата починаа најмалку 7.990, а излекувани се 82.779 лица.
Откако ширењето на вирусот во Кина се смири и животот започна да се враќа во нормала, СЗО ја прогласи Европа за нов епицентар на коронавирусот.