Aişe Hümeyra Bulovalı
18 Октомври 2019•Ажурирај: 19 Октомври 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Во Истанбул е отворена изложбата на Anadolu Agency (AA) на која се претставени победничките фотографии на меѓународниот натпревар „Istanbul Photo Awards 2019“.
Изложбата е отворена во соработка со истанбулската општина Бејоглу, а посетителите имаат можност да ги погледнат најуспешните фотографии од Меѓународниот натпревар во фотографија, кој се одржува од 2015 година.
Началникот на општината Бејоглу, Хајдар Али Јилдиз, на свеченоста на отворањето истакна дека е многу среќен бидејќи општината Бејоглу е домаќин на една таква изложба.
Јилдиз додаде дека отворањето на изложбата има посебно значење со оглед на тоа што е организирана на првата годишнина од смртта на турскиот доајен на фотографијата, Ара Ѓулер.
„Во новинарството веста или настанот се крие во деталите. Сметам дека во фотографијата ги имаме сите детали за кои ни е малку потешко да ги пронајдеме во еден текст. Фотографијата ја има таа моќ да опише нешто за што се потребни страници текст“, истакна Јилдиз.
Членот на Управниот одбор на АА и експерт за комуникации, Шабан Кизилдаг, истакна дека фотографијата претставува неизоставен елемент во новинарството.
Anadolu Agency (АА) е новинска агенција која има 100-годишна традиција и со самото тоа е една од најбогатите светски фотоархиви.
Тој потсети дека оваа година на натпреварот учествувале фоторепортери кои известувале од Сирија, Мјанмар, Мексико, Индонезија, и дека пристигнале околу 15.000 фотографии кои ги отсликуваат ужасите од војните и судирите.
„Во категориите „вест“ и „спорт“ наградивме 12 фоторепортери од 10 земји. Жирито се состои од многу искусни уредници и фоторепортери - имаме навистина тешка работа. Фотографиите кои граѓаните на Истанбул имаат можност да ги видат, до крајот на годината би требало да бидат претставени во Токио, Њујорк, но и во други градови на светот“, изјави Кизилдаг.
Тој се заблагодари на „Туркиш ерлајнс“ (Turkish Airlines) и Агенцијата за соработката и координација (ТИКА), кои беа официјални спонзори на „Istanbul Photo Awards 2019“.
Најдобра фотографија за оваа година е „Конфликтот Израел - САД - Палестина“, на фоторепортерот на новинската агенција „Франс прес“ (AFP), Ахмед Гарабли. Станува збор за фотографија направена во Ерусалим, на која се гледа како Палестинка со мобилен телефон го фотографира израелскиот војник додека тој се обидува да сними „селфи“.