Kemal Karadağ
17 Април 2017•Ажурирај: 18 Април 2017
АНКАРА (АА) - Откако на вчерашниот референдум во Турција народот го поддржа сетот уставни промени во таа земја, турското Министерство за правда започна да работи на промената на одредени закони, јавува Anadolu Agency (AA).
Предложената уставна реформа во Турција предвидува јакнење на овластувањето на претседателот на државата и укинување на фунцијата премиер.
Парламентот ќе го зголеми бројот на пратеници од 550 на 600, а кандидати на парламентарните избори ќе можат да бидат сите граѓани на Турција со наполнети 18 години. Досега кандидати можеа да бидат лица кои наполниле 25 години.
Претседателот ќе може да ги задржи врските со политичката партија, а предвидено е и првите претседателски избори во согласност со Уставот да се одржат во ноември 2019 година.
Мандатот на претседателот ќе трае пет години и истото лице таа функција ќе може да ја извршува најмногу два мандати.
Поради сето наведено, потребно е да се извршат промени во 144 члена, во седум закони, почнувајќи од Законот за претседателските избори, за парламентарни избори, за гласачки тела, политички партии, за Високиот судски и обвинителски совет за судството и Воениот казнен закон.
Во Законот за претседателските избори ќе биде потребно да се извршат измени во седум члена, за парламентарните избори во девет члена, за гласачките тела десет и за политичките партии во 11 члена.
Исто така, потребно е да се извршат промени во 30 члена на законите за Високиот судски и обвинителски совет, во Законот за судството во 27 предмети, а во Воениот казнен закон во 50 предмети.