Süleyman Elçin,Orhan Çiçek
03 Јули 2019•Ажурирај: 04 Јули 2019
АНТАЛИЈА
Со почетокот на летните месеци, во областа Дошемеалти во Анталија, која е позната по рачно изработените килими со користење боја добиена од корен од растенија, на стотици хектари земјоделско земјиште започнува една поразлична активност, пишува Anadolu Agency (AA).
Мештаните, кои завршуваат со жетвата, овој пат слободните земјоделски полиња ги препуштаат на производителите на килими.
Светски познатите турски теписи и килими, кои ја симболизираат моќта, љубовта и семејното единство, ткаени според спомените, болката и радоста на ткајачот, од различни региони на земјата се носат во Дошемеалти. По чистењето на теписите, најпрвин се скратуваат долгите влакна.

- Се снимаат филмови и спотови
Земјоделците, кои во текот на зимата со денови работат на полињата, по жетвата на истите полиња ги поставуваат теписите за да се прочистат од микробите, за да избледат боите и да се трансформираат во пастелни бои.
Со местењето на скапоцените теписи на полињата се создава прекрасна визуелна глетка, кои стануваат важна адреса за љубителите на фотографијата. Уметниците пак, снимаат спотови или филмски сцени.
- Дваесет и четиричасовно дежурство
Службениците дежураат 24 часа за скапоцените теписи, кои се поставуваат на полињата, за да бидат заштитени од дожд и да не бидат украдени.
Од време на време теписите, што се превртуваат од ветрот, се местат, а периодично се чистат од прашина.
Теписите, кои го минуваат целото лето на топлината и влажноста на Анталија, од септември се собираат, се чисти прашината и се испраќаат на продажните места.
- Најголем интерес покажуваат Американците и Австралијците
Халил Борекџи, кој работи со трговија со килими во Караташ, во разговорот за АА рече дека овој начин се имплементира од 1970 година.
Истакнувајќи дека во странство се бараат пастелни бои и застарени килими, Борекџи нагласи:
„Од селата, особено од постарите лица, ги собираме старите килими. Понекогаш може да се килими кои се фрлени во ѓубре. Тие килими се обработуваат. Ако треба поправка, се поправаат. Ако треба да се фарбаат, се фарбаат. Понекогаш килимите ги сечеме и правиме миндери. Со поставувањето на сонце, килимите се ослободуваат од сè, само останува бојата од корен и волната. Во текот на ноќта од влагата, а преку ден од ефикасното сонце, килимите омекнуваат и сета нечистотија и боите што се додадени отпосле се ослободуваат. Останува само органската боја од корења. Туристите ги претпочитаат само килимите од волна и органски бои. Во нашата фирма со оваа метода се застаруваат околу 10.000 килими“.
Борекџи, истакнувајќи дека најголем интерес за килимите покажуваат Американците и Австралијците, рече дека во последните години има побарувачка и од европските земји, особено од Шведска и Норвешка.
- „И историски килими се постилаат на овие полиња“
Зејнеп Борекџи, која исто така работи во трговијата со килими, рече дека активноста во полињата за килими започнува во мај и трае до крајот на септември.
Таа рече дека килимите, освен во Анталија, се собираат и низ различни градови на Турција, како што се Мугла, Ван, Кајсери и Малатја.
„И историски килими се постилаат на овие полиња. Правиме сè за да не се изгубат рачно изработените килими. За жал, во Турција вредноста на овие килими не е доволно позната. Странските купувачи многу добро ја знаат вредноста на овие килими“.
Таа, нагласувајќи дека љубителите на фотографијата и туристите покажуваат интерес за полињата од килими, рече дека испратиле килими до многу познати имиња во земјата и во странство.
Јуксел Ајтар, еден од работниците, истакна дека секој ден се менува страната на килимот затоа што двете страни треба да избледат во иста мера.
Ајтар потенцираше дека килимите се чуваат многу внимателно.