İsmet Karakaş
26 Јули 2021•Ажурирај: 26 Јули 2021
АНКАРА (АА) - Заменик-претседателот и портпарол на владејачката Турска партија за правда и развој (АК Партија), Омер Челик, ги оцени актуелните случувања во Тунис како удар врз политичкиот легитимитет и порача дека ќе се продолжи да се пружа поддршка на демократијата во Тунис, јавува Агенција Анадолија (АА).
Челик се огласи преку социјалните мрежи за синоќешната одлука на тунискиот претседател Кајс Саид, кој ја суспендира работата на Парламентот и го разреши од функцијата премиерот.
Констатира дека она што се случи во Тунис е удар на политичкиот легитимитет.
„Суспензијата на избраниот Парламент и разрешувањето на Владата во Тунис, нашата пријателска и братска земја, е удар на политичкиот легитимитет. Оваа нелегитимна иницијатива на претседателот на Тунис нема уставна основа. Демократската револуција што народот на Тунис ја изведе во 2011 година претставува драгоцен пример за светот и регионот. Многу е важно да се заштити тој успех врз основа на уставниот легитимитет. Суспензијата на уставниот поредок во Тунис од страна на претседателот е нелегитимна“, порача Челик.
Повикувајќи на враќање на уставниот поредок во Тунис, Челик рече дека оние што му го прават ова зло на братскиот народ на Тунис ѝ штетат на сопствената земја.
„Тунискиот народ има можност и искуство да ја надмине моменталната криза во единство и солидарност. Тоа е можно само со моментално враќање на уставниот поредок“, наведе Челик.
Тој пренесе и дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган пружа поддршка на демократските успеси на Тунис.
„Ја поддржуваме демократската волја на народот во Тунис. Ја отфрламе суспензијата на демократските процеси. Секој треба да ја почитува високата демократска волја на народот на Тунис. Помеѓу Турција и Тунис постојат силни историски, политички, економски, културни и човечки врски. Турција стои покрај тунискиот народ и ја почитува борбата за демократија. Нашиот претседател ги поддржа демократските достигнувања и успеси на Тунис со пристап кој секогаш ја зема предвид благосостојбата на братскиот народ во Тунис. Нашиот претседател силно ја поддржува демократската борба на народот на Тунис. Ќе продолжиме да ја поддржуваме туниската демократија“, заклучи Челик.
Синоќа, тунискиот претседател Кајс Саид, тврдејќи дека на земјата ѝ е потребна вонредна состојба поради лошата состојба во врска со корупцијата, ја суспендира работата на Парламентот и го разреши премиерот од функцијата.
Наспроти тоа, претседателот на тунискиот Парламент и претседател на Движењето „Нахда“, најголемата политичка партија во земјата, Рашид ал-Гануши, ја отфрли таа одлука и ги повика граѓаните на Тунис на мирна борба против ваквите одлуки.
Гануши го обвини претседателот Саид за државен удар и порача дека и Владата и Парламентот и понатаму се на должност.
Припадниците на Војската на Тунис во текот на ноќта не дозволија влез во Парламентот на пратениците и на претседателот на ова тело, Гануши.