АНКАРА (AA) - МЕТИН МУТАНОГЛУ -
Портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин, истакна дека безбедноста на Турција е директно поврзана со безбедноста на нејзините соседи и случувањата во Медитеранот и додаде дека Турција сака да ја загарантира својата безбедност со цел да се осигура безбедноста во регионот.
Портпаролот Калин одговараше на прашањата на Агенција Анадолија (АА) за регионалните и меѓународните случувања, првенствено случувањата во Либија и во Источниот Медитеран, за надворешната политика и рефлексијата на чекорите што ги презема Турција.
На прашањето со која цел Турција се наоѓа во Либија, Калин одговори дека станува збор за исполнување на обврските од Договорот за безбедност за воена соработка на Либија со Турција потпишан во декември минатата година, додавајќи дека во рамките на овој договор ѝ се дава поддршка на легитимна влада која е призната од страна на Обединетите нации (ОН). „Ако нашиот претседател ја немаше оваа визионерска интервенција, конфликтите во Либија би се продлабочиле уште повеќе, би загинале многу повеќе луѓе, а распарчувањето на Либија би станало неизбежно“, процени Калин, велејќи дека Владата на Сараџ има право на самоодбрана поради агресивниот став на Хафтар и додаде дека интензивно продолжува соработката меѓу властите на Турција и Либија на ова поле.

Калин, кој нагласи дека на секоја платформа на која учествувале велат дека е потребно политичко, а не воено решение, истакна дека од Договорот во Абу Даби постигнат во април 2019 година, речиси година и половина страната на Хафтар ги крши сите договори, повици за прекин на огнот и мировни преговори.
Калин посочи дека сите повици за прекин на огнот и мир што страната на Хафтар ги направи до денес, секогаш се покажале како подготвителен период за следниот напад.
Истакнувајќи дека блокадата на либиските полиња со нафта и гас од страна на Хафтар само во изминатите 6 месеци на Либија и донело загуба на национално ниво во висина од над 5 милијарди долари, Калин рече дека од 2011 година вкупната загуба на Либија надминува 250 милијарди долари.
- „Безбедноста на Турција не може да се осигура само во националните граници“ -
Портпаолот на турското Претседателство, истакнувајќи дека концептот за безбедност во ера на глобализација не може да се обезбеди ограничувајќи се само во рамките на националните граници, додаде: „Прашањето за безбедноста на Турција во исто време е поврзано со безбедноста на сите наши соседи, со безбедноста на Иран и со безбедноста на Ирак, и директно е поврзана со случувањата во Медитеранот. Либија е наш поморски сосед во Медитеранот. Се наоѓаме на простор кој се протега од Балканот до Централна Азија, од Северна Африка до Блискиот Исток, до Кавказ. И најмалата криза што би настанала во ова подрачје, тензијата, конфликтот, војната, директно би влијаеле врз безбедноста на Турција. Како би влијаела? Би влијаела како тероризмот, како миграциите или на други полиња. Ние такви примери видовме повеќепати. Настаните во Либија се прашања што директно се однесуваат и на безбедноста во Медитеранот и на безбедноста на НАТО.“
- „Слично на она што меѓународните актери го прават во Сирија, почна да се појавува во Либија“ -
Истакнувајќи дека сите меѓународни актери треба да воспостават врски со легитимната Влада на Либија призната од ОН, Калин рече дека до неодамна, голем број земји избегнувале воспоставување на врски со Владата на Сараџ, вклучувајќи ги тука и САД, но благодарение на поддршката што Турција ѝ ја даде и на терен и на полето на дипломатијата, тој баланс почна да се менува.
Калин нагласи дека Владата на Сараџ во моментот прима повеќе соговорници, и дека ако треба да се спроведе политичко решение, тогаш воените решенија да се стават настрана.
„Се разбира, ние во било каков случај не би сакале Либија да стане воена арена на судири на владините сили, милициите на Хафтар и платениците донесени од странство. Ако треба да се спроведе политичко решение, тогаш мора воените решенија да бидат ставени настрана.
Но за жал, кога сега ќе погледнете што прават меѓународните актери во Сирија, можете да забележите дека слична слика полека, полека почнува да се појавува во Либија. За жал, војната во Сирија што влезе во својата 11-та година е најкрвавата војна во последниот период. Меѓународните актери таму дејствуваа за лични интереси, а не со цел да обезбедат единство на Сирија, заштита на територијалниот интегритет на земјата и политичко единство на сирискиот народ, и со тек на времето кризата се продлабочува и станува покомплексна.
Сега, доколку во Либија приоритет се мирот, спокојот и безбедноста на либискиот народ, тогаш проблемите можат да се решат доколку политичкото решение се заснова на природните ресурси на Либија, политичкото единство и територијалниот интегритет. Но, доколку на тоа повторно пристапиме ‘Либија да ја поделиме од тука, овој дел ние да го земеме, овој дел да им го дадеме на оние', тогаш тоа ќе редизвика погубни последици во Либија“.
Изјавувајќи дека заради етничката и секташката структура на Ирак, Сирија и Либан, направени се напори за создавање билатерални и трилатерални структури, Калин рече дека сè уште не се залечени раните.
„Сега, врз основа на тамошните искуства, не смееме да дозволиме да се појави сличен тренд и во Либија, никој тоа не треба да го дозволи. Сега, ако секое мултиетничко, мултиденоминативно, повеќејазично општество се подели на овој начин, тогаш Европа мора да се подели на десетици, стотици држави, САД би морале да бидат поделени на десетици држави, но тоа не се прави таму, туку сосема спротивно, се создава единството под поголемите структури, т.е. се има за цел унапредување на политичките процеси во рамките на единството. Но во случаите кога станува збор за исламските земји, гледаме дека во тие земји се работи на отворање на многу длабоки рани врз основа на грешките направени во минатото на етничка и секташка основа“, рече Калин.
- „Очигледно е кој навистина сака мир и стабилност во Либија а кој сака конфликтот да продолжи“ -
Истакнувајќи дека Турција ќе ја продолжи својата поддршка на Владата од Триполи и ќе продолжи со своите дипломатски напори за унапредување на политичкото решение, Калин за нападот врз воената база „Ватија“, го даде следниот коментар:
„Се знае дека тоа го направи страната на Хафтар. Во врска со тоа се појавуваат и вести ‘потекнува од оваа земја, потекнува од онаа земја’ и нема да навлегувам во тоа, но постои една реалност поврзана со овој напад, а тоа е дека стана очигледно кој навистина сака мир и стабилност во Либија, а кој сака конфликтот да продолжи. Значи страната која повикува на примирје ‘Ајде да одиме на средби 5 + 5 под покровителство на ОН’, во истовреме го бомбардира Триполи, што е во спротивност и со меѓународното право, откривајќи ги нејзините вистински намери во врска со целиот овој процес.
Затоа, овде уште еднаш се потврди колку е правилен ставот на Владата на Сараџ и дека невозможно е да ѝ се верува на другата страна. Затоа Турција ќе продолжи да биде покрај легитимната влада. Во тој поглед, не постои ниту најмало назадување по тоа прашање.
На прашањето за гледиштето на Германија за либискиот проблем, Калин рече дека Германија играла конструктивна улога. Истакна дека Берлинската конференција е добар чекор, и дека има корист од напредокот на процесот во рамките на тие принципи, но тука Хафтар е страната која ја расипува играта.
„Мислам дека Германците, исто така, веќе појасно ја читаат оваа слика“, рече Калин.
Тој одговорајќи на прашањето во врска со развојот на настаните во Источниот Медитеран, рече дека поморскиот договор потпишан со Либија е историски чекор, и дека претседателот Реџеп Таип Ердоган со своите инструкции покажал голема политичка визија.
Истакнувајќи дека не постои меѓународно законодавство поврзано со ова, Калин нагласи: „Всушност, прашањата како што се меѓународното поморско право, поморската надлежност, континенталниот гребен и ексклузивната економска зона се дозволува да се решава помеѓу страните, тоа е првата практика. Но, кога има недоразбирања, тие можат да се обратат до судовите или на други места. Но, генерално се претпочита земјите да ги решат прашањата помеѓу себе, може тоа да е билатерално, трилатерално или помеѓу повеќе земји. Во оваа смисла, ние секогаш сме повикувале да се работи во оваа насока со Грција, Египет, делумно со Либија и другите соседни земји во Источниот Медитеран, но повратен одговор не добивме. За првпат беше постигнат договор со Либија. Ова не е договор што директно засегнува трети страни и ги крши нивните права.“
- „Не е можно во Источниот Медитеран да се подготви енергетска мапа и да се изгради политичката стабилност без Турција“
Потсетувајќи дека Грција и Италија во изминатите денови склучија договор за континенталниот гребен, Калин рече дека го поздравуваат тој договор. Тој посочи дека двете земји се состанале и ги определиле своите надлежности.

„Ние истото го направивме со Либија. Со овој договор потврдивме дека сме соседи со Либија. Сега ова ќе го развие односот меѓу Турција и Либија со што двете страни ќе имаат корист. Утре кога созреат политичките услови во тој регион ќе се истражува, ако нешто се пронајде приходите ќе се делат меѓу Турција и Либија. Посакуваме целиот Источен Медитеран да биде место на мирот.“
Истакнувајќи дека природните ресурси во Источниот Медитеран треба да бидат присвоени од сите страни, а потоа поделени по принципот на фер поделба и сите да имаат корист од тоа богатство, Калин рече дека тоа не може да се стори без учеството на Турција.
Калин истакна дека нема потреба од фокусирање на скапи проекти кој на крајот ќе завршат како неуспешни, додаде дека за овие прашања треба да се разговара со Турција и да се работат планови каде што учествува и Турција.
„Нашиот пристап од почеток беше ваков, но на иницијативите кои сакаа нас да нè затворат во заливот во Анталија, не можевме да не реагираме, да не одговориме“, нагласи Калин.
Оценувајќи го пристапот на ЕУ во однос на Источниот Медитеран, Калин рече дека германското претседателство би можел да биде можност за односите меѓу Турција и ЕУ.
Наведувајќи дека и волјата на германската канцеларка Ангела Меркел е во тој правец, Калин нагласи: „Прашањата кои се поставуваат како пречка во односите на Турција и ЕУ сите гледаме дека всушност не се проблеми кој не можат да се решат.“
Истакна дека овие односи треба да напредуваат со позитивна агенда, и дека тоа е во интерес на обете страни и дека претходно има многу такви примери.
Портпаролот на турското Претседателство рече дека на Европа ѝ е потребна Турција во однос на сириската бегалска криза.
„Отворено и јасно видовме дека во борбата против тероризмот и енергетската безбедност не можат да направат ниту еден чекор без Турција. Европа за нас е важен економски пазар и таму живеат речиси 5 милиони наши граѓани. Секој би имал придобивка од нашата соработка, и за нашата безбедност, и за безбедноста на јужна Европа, Балканот и другите региони. Но, за да се направи тоа секако дека не е можно Турција да се откаже од своите национални права и интереси. Ова е процес што двете страни мора заедно да го поседуваат.“
Наведувајќи дека во време на претседателството на Германија со ЕУ може да се преземат некои чекори, Калин рече дека земји како Франција продолжуваат со блокадата. Тој, исто така, наведе дека Турција не е во потрага по директна тензија со Франција.
Посочи дека постојат разлики во мислењата, и дека може да се најде основа за соработка на билатерална основа и за прашањата за ЕУ.
„Прашањето за Источниот Медитеран не е прашање на една земја или на ЕУ, тоа е прашање на сите земји што се соседи таму. Наметнувањата врз Турција на една или повеќе земји преку Европската Унија (ЕУ) нема да резултира со решавање на прашањето. Наместо тоа, ќе биде во најдобар интерес за сите нас ако ги задржиме билатералните, меѓусебните, понекогаш и повеќекратни комуникациски канали. Основата за дијалог да ја задржиме силно и да го отвориме патот за решавање на кризата со креативни идеи и предлози“, нагласи Калин.
- „Можеме да ги решиме проблемите со Грција преку директни разговори“ -
Осврнувајќи се на односите со Грција, Калин потсети дека минатата недела претседателот Ердоган остварил телефонски разговор со премиерот на Грција, Мицотакис, и дека за првпат се воспоставил ваков контакт после подолг период.
Рече дека на состанокот било разговарано за билатералните прашања, за Егејското, прашањето за Источниот Медитеран и многу други прашања.
„Знаете, традиционално Грција е земја која го поддржува членството на Турција во ЕУ. Во однос на билатералните односи имаше некои различни мислења, но секогаш за тоа на некој начин се разговарало, биле раководени со преговори, некои од тие прашања се решени, а некои пак во процесот дошле до таа ситуација да може да се преговара за нив. Секако, нашите очекувања со Грција како наш сосед се прашањата да ги решиме со најпозитивен можен пристап. За прашањата како што е Егејот можно е да зборуваме директно, и разликите во мислењата или споровите што се јавуваат одвреме, навреме, можно е да се решат. Во минатото овие канали беа отворени и од сега понатаму може да бидат отворени. Двајцата лидери во последниот телефонски разговор покажаа волја во таа насока. Сега, нашата желба е да преземеме чекори во оваа насока и да воспоставиме фер регионален поредок што навистина ги почитува правата и интересите на сите во контекст на билатералните односи, во контекст на ЕУ и прашањата од Источниот Медитеран и Егејот.“
news_share_descriptionsubscription_contact
