Прекрасните острови и заливи на турскиот Егеј, омилена дестинација за туристите
На 400 метри од крајбрежјето на Бадемли се наоѓаат островите Калем и Гарип, кои со тиркизното море и природниот крајбрежен пејзаж се издвојуваат како едни од најпосетуваните места на еднодневните бродски тури
Can Yücel
19 Јуни 2026•Ажурирано: 19 Јуни 2026
photo: Can Yücel / AA
ИЗМИР
Островите и заливите покрај брегот на Бадемли, во подрачјето на Дикили во турски Измир, се вбројуваат меѓу највпечатливите природни убавини што од почетокот на летната сезона ги привлекуваат туристите, јавува Анадолу.
До островите Калем и Гарип, заливите Писа и Ханимин, како и локацијата за пливање позната во регионот како залив Аквариум, се стигнува со бродови што тргнуваат од пристаништето во Бадемли. Овие места привлекуваат големо внимание со кристално чистото море и недопрената природа.
Фотографија : Can Yücel/AA
На 400 метри од крајбрежјето на Бадемли се наоѓаат островите Калем и Гарип, кои со тиркизното море и природниот крајбрежен пејзаж се издвојуваат како едни од најпосетуваните места на еднодневните бродски тури.
На островот Калем се наоѓа комплекс што нуди услуги за сместување и плажа, но на островот Гарип нема никаков објект. Со оваа карактеристика островот Гарип се издвојува меѓу природните подрачја за посетители кои се во потрага по помирна и недопрена средина.
Меѓу заливите во овој регион, Ханимин е познат и под името Кокарот. До заливот нема пристап по копнен пат, па затоа спаѓа меѓу местата до кои може да се стигне исклучиво со брод.
Фотографија : Can Yücel/AA
Од друга страна, заливот Писа, каде што има бел песок и бистро море, на посетителите им нуди чувство дека се на недопрена плажа. Во овој залив не постои никаков комерцијален објект, а оние што сакаат да поминат незаборавни мигови мора да понесат сѐ што им е потребно за престојот таму.
Заливот Аквариум на брегот на Бадемли, кој е прекрасно место за пливање, исто така, е една од редовните дестинации на бродските тури. Ова место, познато по проѕирното море, го привлекува вниманието и на љубителите на нуркањето.
Истакнувајќи се со природни убавини и мирна атмосфера, островите и заливите кај Бадемли претставуваат една од најважните туристички дестинации во Дикили за сите што во летните месеци сакаат да одат на морски тури.
Овој регион, кој привлекува големо внимание со бистрото море и природниот пејзаж, е снимен и со дрон.