Esra Kaymak
11 Декември 2015•Ажурирај: 12 Декември 2015
ВАШИНГТОН (АА) - Заменикот на американскиот претседател Џо Биден и премиерот на Турција, Ахмет Давутоглу, разговараа за напорите на двете земји во борба против терористичката организација ДАЕШ, јавува Anadolu Agency (АА).
Двајцата лидери по телефон разговараа и за последните случувања во Ирак, напоменувајќи дека е важно да се смират тензиите помеѓу Турција и Ирак.
„Потребно е да се намалат тензиите на начин да се испочитува суверенитетот на Ирак и во потполност да се координираат напорите со коалицијата, во борбата против ДАЕШ“, се наведува во соопштението на Белата куќа.
Американската администрација повика на политички дијалог помеѓу двете земји со цел решавање на ова прашање.
Турската војска неодамна објави детали за тренинг програмата за обука на курдските сили Пешмерга за борба против ДАЕШ, во северниот дел на Ирак. Во петокот, околу 150 турски војници со околу 20-тина тенкови влегоа на ирачка територија поради обука. Во саботата се остварени телефонски контакти помеѓу челниците на министерствата за одбрана на двете земји во врска со ова прашање.
Турската војска соопшти дека обуката на војниците на Пешмерга ја изведува во четири покраини во северниот дел на Ирак. Портпаролот на Владата на курдската самоуправа во северниот дел на Ирак, Шефин Дизаји, ги потврди овие наводи.
Турските сили кои влегоа во петокот ги заменија колегите кои ја завршија својата смена. Досега над 2.500 припадници на силите на Пешмерга ја поминале програмата за обука спроведена од страна на турските сили.