Nurten Aslan
13 Септември 2019•Ажурирај: 13 Септември 2019
ДИЈАРБАКИР (AA) - Сѐ повеќе семејства се приклучуваат на мирните протести пред седиштето на Народната демократска партија (ХДП) во Дијарбакир, на кои мајките бараат да им се вратат децата кои се однесени во терористичките кампови, јавува Anadolu Agency (AA).
Протестите почнаа на 3 септември, а пред седиштето на ХДП моментално живеат повеќе од 20 семејства.
На протестите во Дијарбакир утрово, во придружба на сопругот и децата, им се придружи и Фатма Бингол, чиј син Тунџај Бингол е изманипулиран и однесен во планините пред пет години, а тогаш, открива таа, имал само 14 години.
Бингол, која е по потекло од Ерзурум, а моментално живее во Истанбул, порача дека веќе пет години нема никакви информации за својот син.
Едно утро излегол од дома велејќи дека оди да бара работа, и од тој момент мајката повеќе никогаш не го видела.
„Го барам мојот син и ќе направам сѐ за да го најдам, ако е потребно и по цена на својот живот“, порача Бингол и додаде:
„Во истанбулскиот кварт Арнавуткој се наоѓа зградата на ХДП. Моето дете е испратено од таа зграда. На 9 години го носеа на Таксим, на протести. Никој нема право тоа да им го прави на нашите деца. Ние не ги раѓаме и не ги одгледуваме нашите деца за тие да ги однесат во планините. Не сакаме нашите деца да ги испраќаме во смрт.“
Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, во неделата ги поддржа мајките и семејствата кои протестираат пред седиштето на ХДП во Дијарбакир.
„Со тие мајки сме. Државата прави сѐ што може. Терористите бегаат, а ние ги прогонуваме. Порано или подоцна сите ќе одговараат“, порача Ердоган.
Познатиот турски актер Ахмет Јенилмез ги посети мајките кои протестираат пред зградата на ХДП и во знак на поддршка им подари црвени рози.
Поголемиот број турски уметници на социјалните мрежи упатија пораки за поддршка на мајките во Дијарбакир на југоистокот на Турција.
На социјалните мрежи е покрената и кампања за поддршка на мајките кои протестираат во Дијарбакир.
Мајките во Дијарбакир ја обвинуваат партијата ХДП за врбување и носење малолетници и млади во терористички кампови на ПКК на југоистокот на Турција. Мајките, поради тоа продолжуваат со протестите кои ги иницираше Февзије Четинкаја.
Четинкаја, инаку има 11 деца, а на 30 август во полиција пријави дека активисти на ХДП го киднапирале и однеле во терористички камп нејзиниот син С. Четинкаја.
Мајката Четинкаја на 3 септември започна мирен протест пред зградата на ХДП, а со неа тогаш беа и сопругот Сахап и нивните четири деца. Подоцна Омер Т. и Ремзије А. исто така дошле пред седиштето на ХДП и го поддржаа протестот на Четинкаја и нејзиното семејство, тврдејќи дека терористичката група ПКК ги киднапирала и нивните деца.
ПКК е сепаратистичка организација која се наоѓа на листата на терористички групи во Турција, ЕУ и САД. Во текот на тридецениската терористичка кампања против Турција, терористите на ПКК убија најмалку 40.000 луѓе.
Партијата ХДП се обвинува за поврзаност со терористите на ПКК, а повеќе челници на таа партија се обвинети за ширење терористичка пропаганда и пружање помош на терористите.