Nazlı Yüzbaşıoğlu
20 Декември 2016•Ажурирај: 21 Декември 2016
АНКАРА (АА) - Руската делегација пристигна во Анкара за да спроведе истрага во врска со синоќешниот атентат во кој е убиен рускиот амбасадор во Анкара, Андреј Карлов, заедно со надлежните турски официјални лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Делегацијата од руски официјални лица денес пристигна на аеродромот „Есенбога“ во Анкара, а меѓу 18-те членови на рускиот тим има еден обвинител, двајца аташеа за безбедност, официјални лица на Министерството за вонредни состојби, форензичари и психолози.
Рускиот амбасадор Карлов синоќа беше убиен во терористички напад при неговото обраќање на отворањето на изложбата на фотографии што во Анкара ја организираа руската амбасада и општина Чанкаја.
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, и неговиот руски колега Владимир Путин разговараа телефонски непосредно по атентатот, и се договорија телото на убиениот амбасадор Карлов да биде транспортирано од Турција во Русија со авион што ќе дојде од Москва, а истрагата за тој терористички напад заеднички ја спроведуваат турските и руските органи.
Синоќа и шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, по доаѓањето во официјална посета на Москва изјави дека истрагата за атентатот на амбасадорот Карлов ќе ја изврши заеднички тим составен од експерти од Турција и Русија.