Adsız Günebakan
20 Мај 2020•Ажурирај: 21 Мај 2020
ГАЗИАНТЕП
Објавена е изјавата на З. Џ. (26), која во декември минатата година беше фатена од страна на жандармеријата во местото Суруч во Шанлиурфа, во рамките на истрагата на Јавното обвинителство на турската област Газиантеп против терористичката организација ПКК, јавува Агенција Анадолија (АА).
З. Џ., со потекло од Сирија, за која истрагата е во тек, во својата изјава дава детални информации за терористичката организација.
Изјавувајќи дека заедно со своето семејство живее во село во близина на Ајнулараб (Кобани), З. Џ. наведува дека еден ден припадниците на терористичката организација ЈПГ/ПКК дошле во нејзиното село.
„Во периодот кога бев сама, тројца припадници на организацијата дојдоа во мојот дом. Еден од нив ме прегрна и ми рече: ’Ние ќе ве ослободиме‘, и заедно со останатите се обиде да ме убеди да ѝ се приклучам на организацијата. Кога реков дека не сакам, се заканија дека ќе ме убијат мене и моето семејство“, изјави осомничената З. Џ.
Таа рече дека подоцна целиот настан му го кажала на своето семејство.
„Мајка ми и татко ми ми рекоа: ’Немој да одиш‘. По речиси еден месец, припадници на истата организација повторно дојдоа во мојот дом. Заканувајќи ми се со моето семејство, со присила ме зедоа и ме ставија во една соба во кампот на организацијата кој се наоѓа во Ајнулараб. Во собата имаше момчиња на возраст од 10 до 15 години. Децата плачеа за да им се вратат на нивните мајки. И тие со присила биле донесени во кампот. По речиси еден час ме повикаа", изјави З.Џ
„Се обидоа да ме убедат, сакаа да ми дадат кодно име, но не прифатив, им кажав дека сакам да се вратам кај моето семејство. Бидејќи не прифатив, ме заклучија во собата една недела. Секој ден доаѓаа и се обидуваа да ме убедат. Прифатив да ѝ се приклучам на организацијата бидејќи бев беспомошна“, додаде таа.
З. Џ. во нејзината изјава наведува дека подоцна била однесена во едно село каде што добила организациска и воена обука, и додава дека по обуката била организирана церемонија и била давана заклетва.
- „Бидејќи не сакав да се заколнам, ме ставија во затвор“
З. Џ., изјави дека не сакала да даде заклетва бидејќи со присила била раздвоена од своето семејство.
„Откако не сакав да се заколннам, ме ставија во затвор. Таму имаше уште деветмина собрани од селата кои не сакале да дадат заклетва. Доаѓаа секој ден и се обидуваа да не убедат. „Член на организацијата под кодно име „Евин“, викајќи ми, ми велеше: ’Доколку своеволно не се заколнеш, нема да излезеш од овој затвор, а нема да ти даваме ниту храна, ниту вода‘. Притисок ми правеа и другите членови на организацијата, но не прифатив. По една недела жената со кодно име „Евин“ ме префрли во Ајнулараб и ми рече дека ќе ме одведе на фронтот. Носењето на фронт беше казна затоа што не сакав да се заколнам.“
Истакнувајќи дека со присила била одведена во подрачјето каде што се одвивале оружени судири, З. Џ. во изјавата наведува: „Имаше 5-6 мажи и 5-6 жени. Меѓу нив имаше и лица кои како мене не сакале да дадат заклетва. Евин на одговорното лице во тој дел, на курдски му кажа: ’Ова се лица кои ги донесовме со присила, внимавајте да не избегаат‘.“
- „Оттаму можете да излезете само мртви или ранети“
З. Џ. во изјавата наведува дека подоцна, заедно со други жени кои како неа не знаеле да војуваат, се приклучила во судирите, и додава: „Беше застрелано едно лице што се наоѓаше покрај мене, но никој не дојде да помогне. Подоцна видов како дојде еден старец и го однесе застреланото лице. Членовите на организацијата ни велеа: ’Оттука можете да излезете само мртви или ранети‘.“
За да се спаси од организацијата, З. Џ. рече дека намерно се ранила во ногата, по што била транспортирана со комбе кое однадвор било обоено со земја. Таа наведува дека кога ги отворила очите, се наоѓала на границата со Турција, а подоцна била фатена.