Sercan İrkin
16 Април 2026•Ажурирај: 16 Април 2026
Светските лидери и високи државни претставници ќе се состанат во Турција од 17 до 19 април на петтото издание на Дипломатскиот форум во Анталија, значаен меѓународен собир во јужниот медитерански град, кој оваа година е посветен на управувањето со глобалната неизвесност, јавува Анадолу.
Форумот, кој се одржува под покровителство на претседателот Реџеп Таип Ердоган, а чиј домаќин е турското Министерство за надворешни работи, ќе се фокусира на темата „Мапирање на утрешнината, управување со неизвесностите“, информираат дипломатски извори.
Се очекува да бидат претставени повеќе од 150 земји, вклучително и над 20 шефови на држави и влади и речиси 15 заменици-лидери. Настанот ќе собере и повеќе од 50 министри, од кои над 40 се министри за надворешни работи, заедно со претставници на 75 меѓународни организации.
На форумот се очекува присуство на повеќе од 460 високи претставници и речиси 5.000 посетители, вклучувајќи претставници на академската заедница и студенти.
Се очекува речиси половина од учесниците на ниво на шефови на држави да бидат од Африка и Европа. Приближно 40 % од министрите за надворешни работи се очекува да пристигнат од Африка, 35 % од Европа и 22 % од Азија.
Форумот ќе опфати повеќе од 40 панели и настани, вклучувајќи и дискусии на ниво на лидери.
Сесиите ќе покриваат широк спектар теми обликувани од политичките, економските, еколошките и технолошките динамики, со посебен акцент на зголемената неизвесност и трансформација во глобалниот систем.
Настаните ќе се пренесуваат во живо на официјалната веб-страница на форумот и на социјалните медиуми, а многу сесии ќе бидат емитувани и од турскиот јавен сервис ТРТ.
Се очекува турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан да учествува на неколку состаноци на маргините на форумот, вклучувајќи го Третиот министерски состанок на Балканската платформа за мир, сесија посветена на Газа, неформален состанок на министрите за надворешни работи на Организацијата на туркиски држави, како и четирилатерален состанок Турција - Пакистан - Саудиска Арабија - Египет.
Од земјите во регионот, најавено е учество на претседателката на Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, и министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски; поранешната претседателка на Косово, Вјоса Османи, и министерот за надворешни работи, Глаук Коњуфца, како и министерот за надворешни работи на Албанија, Ферит Хоџа.
Од Србија се очекува да присуствуваат премиерот Ѓуро Мацут и министерот за надворешни работи, Марко Ѓуриќ; од Хрватска поранешната претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ, додека од Босна и Херцеговина ќе учествуваат претседавачот со Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, високиот претставник Кристијан Шмит, министерот за надворешни работи, Елмедин Конаковиќ, како и членовите на Претседателството, Жељка Цвијановиќ и Жељко Комшиќ.