Ayşe Yıldız
10 Јануари 2022•Ажурирај: 11 Јануари 2022
АНТАЛИЈА
Ски-центарот во Анталија е единствена атракција на турската престолнина на туризмот, што на светската туристичка мапа е позната по Средоземното Море, долгите песочни плажи, сончањето, историските и природните убавини, како и богатото културно и историско наследство и луксузно сместување, јавува Агенција Анадолија (АА).
На само 50 километри од центарот на најпопуларното одморалиште во Турција, има суперодржуван ски-центар со четири лифтови за скијачи и сноубордери.
Аматерите и професионалците во овој ски-центар имаат можност да уживаат во патека долга пет километри која моментално е покриена со снег од еден метар.
Осман Озајдин, одговорен за патеките на скијачкиот центар и ски-тренер, за АА изјави дека годинашната скијачка сезона започнала порано од вообичаено.
„Околу 70 отсто од нашите гости се странци. Имаме гости главно од Русија, Германија, Холандија и Обединетото Кралство. Тие добро инвестираа во нашите капацитети. Имаме седум скијачки патеки. Имаме и патеки од 4.500 и 3.200 метри“, рече Озајдин.
Кристина Малова, руска туристка, изјави дека многу ѝ се допаѓа ски-центарот во Анталија, што првпат го посетува.
Посочувајќи дека Сакликент се разликува од која било друга планина што таа ја посетила, Малова рече дека таму имала помош и од инструктори кои ја обучувале да скија.
„Многу е пријатно да се помине одморот во Турција бидејќи можевме да пливаме и скијаме во ист ден“, рече Малова.
Туристот од Холандија, Ведат Косан, изјави дека секоја година скијал со семејството во Швајцарија и Австрија, но дека овој пат ја одбрале Анталија.
„Климата е специфична. Температурата во центарот на Анталија беше 22 степени. Отидовме на плажа, а потоа дојдовме на скијање. Дознавме дека до април ќе има снег, па ќе дојдеме повторно“, рече Косан.
Во зимскиот центар, но и на плажите во Анталија ужива и Селма Карабелен од Белгија.
„Уживаме во снегот. Многу е изненадувачки да се оди на пливање и скијање во ист ден“, изјави Карабелен.