Özgür Alantor
09 Јануари 2026•Ажурирај: 12 Јануари 2026
КАСТАМОНУ (AA) – ОЗГУР АЛАНТОР
Трговец од округот Аздавај во турската област Кастамону веќе 11 години изработува снежни скулптури, а оваа зима ги израдува граѓаните со скулптури на „насмеани луѓе“, јавува Анадолу.
Таџетин Ќомур, кој е познат по снежните скулптури што ги изработува во Паркот на загинатите херои и ветераните во Аздавај, низ годините направил многу снежни скулптури, меѓу кои и Мустафа Кемал Ататурк, луѓе што седат на фотелја, жени во традиционална носија од Аздавај, Сејит Онбаши со топовски ѓулиња на грб, како и ликот на Насредин-oџа.
Неговите најнови скулптури „насмеани луѓе“, кои ја пречекуваат зимата со насмевка, привлекоа големо внимание кај жителите на округот. Голем број граѓани застануваат пред нив за да се фотографираат .

Покрај тоа, Ќомур оваа година, за разлика од претходните, изработил и скулптура на мечка пред својот дуќан.
Сопственикот на продавница за железарија во Аздавај за АА изјави дека многу ја сака изработката на снежни скулптури и дека со текот на времето тоа му станало навика.
„Веќе 10–11 години, секоја година кога ќе падне снег, правам различни снежни фигури. Луѓето доаѓаат, се фотографираат, а секоја година ме прашуваат: ‘Што ќе направиш оваа година?’ Се обидувам секоја година да направам нешто ново за граѓаните да имаат уште поубави фотографии“, рече Ќомур.
Тој додаде дека оваа година сакал да направи нова снежна скулптура.
„Кога падна снегот, решив зимата да ја пречекаме со насмеани луѓе. За еден ден направив две глави на насмеани фигури. Сакав да направам уште, но снегот веќе не се лепи, па не може“, изјави тој.
Ќомур истакна дека реакциите на граѓаните се многу позитивни.
„Ми се заблагодаруваат, ме пофалуваат. Се фотографираат и фотографиите им ги праќаат на роднините и пријателите. Снежни скулптури правам уште од детството, но порано не ги изработував на ваков начин. Веќе извесно време ги правам во овој парк и секоја година се трудам да биде нешто различно“, рече тој.
Фахретин Џебеџи, жител на Аздавај, истакна дека скулптурите на Ќомур се исклучително убави.
„Тој е наш сограѓанин и трговец со години. Секогаш кога ќе дојде зима и ќе падне снег, со својот вроден талент ги создава овие скулптури. Прави скулптури на Ататурк, луѓе и животни. Секоја година нешто поразлично. Сите го сакаме и се гордееме со него како жители на Аздавај. Деца, возрасни, сите доаѓаат да се фотографираат и да имаат спомен“, изјави Џебеџи.