Muhammed Enes Çallı
18 Ноември 2023•Ажурирај: 18 Ноември 2023
БЕРЛИН (АА) - Ако Туркије и Германија заеднички постигнат хуманитарен прекин на огнот во израелската војна во Газа, регионот може да се спаси од обрачот на огнот, изјави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Анадолу.
Говорејќи на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц во Берлин, со кого потоа е планиран состанок, Ердоган рече дека во војната досега се убиени 13.000 Палестинци, меѓу кои голем број деца, жени и стари лица, и дека речиси цела Газа е уништена од израелските напади врз енклавата под опсада.
Ердоган наведе дека на средбата ќе се стави фокус на трговските, политичките односи и одбранбениот сектор, за развојот на ситуацијата меѓу Русија и Украина, како и за актуелната состојба меѓу Израел и Палестина.
„И овде ќе зборувам јасно. Затоа што 7-ми октомври се опишува како историски почеток. За периодот по 7-ми октомври воопшто не се зборува. Досега, за жал, се убиени 13.000 палестински деца, жени и стари лица. Освен тоа, речиси повеќе да нема место кое се вика Газа, сè е уништено. Може ли оружјето и моќта на Хамас да се споредат со оружјето и моќта на Израел? Дали Израел во моментов има нуклеарно оружје? Има, но ако го прашате Израел за ова, тие нема да кажат ‘имаме’. Затоа што многу добро ја користите лагата“, рече турскиот претседател.
Тој потсети на оштетените и уништените места за богослужба, џамиите, црквите, како и болниците.
Наведе дека нападите врз болници и убивањето деца го нема во Тората.
„Нема ништо од ова во Тората. Не можете да го правите тоа. Но, како што се гледа овде, како се пука во овие деца? Како ги убиваат во болниците? Дали ќе стоиме со врзани раце пред ова? Зар нема да го кренеме гласот против ова?Ако ни останат врзани рацете и јазикот, не можеме да ѝ го објасниме тоа на историјата. Израелско-палестинската војна не треба да се оценува според психологијата на долгот. Гледате, јас зборувам слободно. Затоа што немаме долг кон Израел. Да бевме должни немаше да можеме така слободно да зборуваме. Но, тие што имаат долг, не можат слободно да зборуваат. Ние не поминавме низ холокаустот. Немаме таква ситуација. Немаме долг кон никого“, изјави Ердоган.
Тој истакна дека за сите овие прашања ќе разговара во текот на оваа посета, но најважното прашање за кое ќе разговара е како да се реши проблемот.
Како што рече, важно е колку Туркије и Германија ќе придонесат за хуманитарниот прекин на огнот и како ќе ги преземат тие чекори.
„Дали сме подготвени за ова или не? По една недела Штајнмаер оди во Израел. Она што е важно е заеднички да постигнеме хуманитарен прекин на огнот. Ако Туркије и Германија заеднички постигнат хуманитарен прекин на огнот во војната во Газа, регионот може да се спаси од обрачот на огнот. Тоа се вика размена на заложници. И ние сме за ова. Ама кога ќе кажете заложници, колку заложници има во Израел во смисла на број на заложници? Од друга страна, колку заложници држи Хамас или Палестина? Кога ќе го погледнеме ова, Израел има многу повеќе заложници во своите раце. Заложници и заробеници со години се во рацете на Израел. Мора да го видиме и ова. Би било неправедно ако не го гледаме тоа“, рече Ердоган во Берлин.
Наведе дека на средбата со германскиот канцелар Олаф Шолц на сосема поинаков начин ќе разговара за случувањата во Газа.
„Како Туркије, од почетокот на случувањата изјавивме дека не одобруваме напади врз цивили. Наш приоритет е да обезбедиме прекин на огнот и непречен проток на хуманитарна помош. Се разбира, сакаме во нашата земја да донесеме што повеќе пациенти, ранети или заболени од рак, и ние да ги лекуваме. Она што се случи ни покажа уште еднаш дека дводржавното решение засновано на границите од 1967 година сега е неизбежно. Како Туркије, нашата цел е да воспоставиме клима каде Израелците и Палестинците живеат едни покрај други во мир, и каде преовладуваат мирот и довербата. Тоа мора да го постигнеме. Мислам дека сите треба да преземеме одговорност за да се обезбеди праведен и траен мир на Блискиот Исток“, порача Ердоган.
Нагласи дека во заеднички интерес и на Туркије и на Германија е нивната соработка во одбранбениот сектор да се одвива непречено.
Наведе дека Туркије не правеше разлика меѓу Европа и Африка во својата работа на Договорот за Црноморскиот коридор за жито.
„Околу 40 отсто од она што дојде од Црноморскиот коридор за жито отиде во Европа, 14 отсто отиде во Африка, 14 отсто стигнаа кај нас. Има чекори што треба да ги преземеме, има работи што треба да ги направиме. Ние ова го правиме. Во моментов Русија планира да испрати жито во четири или пет земји преку таков коридор и ќе го направи следниот чекор“, изјави Ердоган.
Тој укажа и на потребата двете земји да соработуваат поблиску кога е во прашање борбата против тероризмот.
Ердоган се осврна и на членството на Туркије во Европската Унија.
„Како што знаете, претходно имам изјавено дека искрено сакаме овој процес повторно да добие замав. Долго време имавме оправдани очекувања за прашања како што се ажурирањето на Царинската унија и либерализација на визниот режим. Туркије чека на вратата на Европската Унија 52 години. Денеска ќе зборуваме за олеснување на визниот процес додека не се постигне визна либерализација“, додаде Ердоган.