Gorana Jakovljevic
17 Ноември 2023•Ажурирај: 19 Ноември 2023
ГИРЕСУН (АА) - Бигорните тераси Ѓоксу во градот Дерели во турската област Гиресун привлекуваат сѐ поголемо внимание на туристите благодарение на промоциите спроведени последните години, бидејќи со својот изглед потсетуваат на Памуккале, едно од најголемите туристички атракции во Туркије, известува Анадолу.
Терасите од травертин Ѓоксу, седиментални карпи наталожени од топла изворска вода, познати се и како Гиресуново Памуккале. Инаку, Памуккале во превод значи „тврдина од памук“.
Гиресуновото Памуккале е познато по своите води богати со минерали што течат низ белите бигорни тераси и базените во тиркизна боја.
Во близина се наоѓа Мави Ѓол (Сино Езеро), кое заедно со паркот на природата Кузуалан, на посетителите им нуди величествени глетки.
Синото Езеро го добило името по бигорот формиран од водата богата со минерали. Кога снегот ќе се стопи, во јуни езерото добива тиркизна боја што водата ја задржува до следната зима, односно до декември.
Во паркот на природата Кузуалан, на простор од 482 хектари, можно е да се пронајдат повеќе од 120 видови растенија од 60 семејства, како и повеќе од 150 видови ’рбетници.
Локалните власти вложија многу труд за унапредување на инфраструктурата и приодот кон паркот и езерото, мостовите, како и кон терасите од кои на туристите им се нуди незаборавна глетка, што сега им се враќа со големиот број домашни и странски туристи.