АНКАРА (АА) - АНКАРА (АА) - На денешниот трилатерален самит за Сирија, одржан во Анкара, на кој присуствуваа претседателите на Турција, Русија и Иран, Реџеп Таип Ердоган, Владимир Путин и Хасан Рохани, е нагласена важноста на територијалниот интегритет на Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
- Ердоган повика на дистанцирање од сите терористички групи во Сирија -
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека територијалниот интегритет на Сирија зависи од заземањето иста дистанца од сите терористички групи.
На заедничката прес-конференција по самитот, турскиот претседател Ердоган изјави дека Турција ги исполнува сите обврски за зоните без судири во Сирија со посебна грижа.
Говорејќи во врска со самитот, турскиот претседател истакна дека лидерите дискутирале за чекорите кои ќе бидат преземени во престојните денови за решавање на сириската криза.
„Главната цел на трилатералниот самит е обнова на Сирија каде што би преовладувал мирот“, додаде тој.
Првиот трилатерален самит на претседателите на трите земји беше одржан на 22 ноември минатата година во Сочи, а денес вториот таков состанок се одржа во Претседателската палата во Анкара.
Турскиот претседател напомена дека третиот самит за Сирија помеѓу Турција, Русија и Иран ќе се одржи во Техеран.
„Турција нема да запре сè додека сите региони кои се под контрола на ПЈД/ПКК, вклучувајќи го и Мунбич, не бидат безбедни... Ние никогаш нема да дозволиме без одлед дали станува збор за Сирија или за нашиот регион, да бидат нападнати од неколку терористички групи“, изјави Ердоган.
Тој ја изрази подготвеноста на Турција за преземање дејствија во северниот сириски град Тел Рифат заедно со Русија и Иран, со цел да се изгради мирна средина за жителите.
Ердоган ја повика меѓународната заедница за поддршка на политичкото решение за сириската криза.
- Путин: Турција, Русија и Иран на страна на заштитата на суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија -
Рускиот претседател, Владимир Путин, изјави дека Турција, Русија и Иран се на страна на заштитата на суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија.
Според неговите зборови, тие ги размениле своите ставови за трајно нормализирање на ситуацијата во Сирија. Тој истакна дека со своите колеги постигнал значајни договори и дека тоа е наведено во заедничката декларација.
„Турција, Русија и Иран се залагаат за заштита на суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија“, изјави Путин.
Тој нагласи дека лидерите се согласни за интензивирање на сеопфатната соработка на трите земји и смета дека преговарачкиот процес во Анкара докажал дека станува збор за продуктивна соработка.
Путин изјави дека насилството во Сирија во значајна мерка е намалено благодарејќи на соработката на земјите гарантери, Русија, Турција и Иран.
Рускиот претседател истакна дека се поразени главните сили на ДЕАШ, а дека воените крила на другите терористички организации претрпеле значителна штета.
Путин го поддржа предлогот на турскиот претседател Ердоган за итно доставување хуманитарна помош во Сирија.
news_share_descriptionsubscription_contact
