Sarp Özer
02 Март 2023•Ажурирај: 03 Март 2023
АНКАРА (АА)
Министерот за одбрана на Република Туркије, Хулуси Акар, денеска се состана со министерот за одбрана на Хрватска, Марио Баножиќ, кој е во посета на Анкара, јавува Анадолу.
Акар, на свечената церемонија, заедно со началникот на Генералштабот, генерал Јашар Ѓулер, ги пречека Баножиќ и началникот на Генералштабот на Хрватска, адмирал Роберт Храњ.
Двајцата министри по церемонијата одржаа средба и потоа претседаваа со разговорите меѓу делегациите.
Акар по средбата посочи дека разговарале за прашања од одбраната и безбедноста.
„Нашите разговори беа исклучително продуктивни и конструктивни. Со задоволство можеме да кажеме дека се согласуваме за многу прашања“, изјави Акар, истакнувајќи дека Баножиќ е првиот министер за одбрана на Хрватска кој по девет години ја посетил Туркије.
Акар истакна дека земјата била на терен со сите расположливи капацитети веднаш по разорните земјотреси што на 6 февруари ги погодија јужните турски области, но и дека многу земји ѝ помогнале на Туркије.
„Во оваа наша борба, 91 земја придонесоа на различни начини. Меѓу нив е и Хрватска. Затоа би сакал да се заблагодарам на хрватската Влада, нејзиниот народ, министерот и другите земји за нивната поддршка и придонес“, рече Акар.
Тој потоа потсети на блиските односи меѓу Туркије и Хрватска.
„За време на минатогодишната посета на Хрватска од страна на нашиот претседател Реџеп Таип Ердоган, беше воспоставена политичка рамка. Во согласност со тоа, ние продолжуваме да ги развиваме нашите врски засновани на доверба меѓу двете земји. Со министерот за одбрана детално разговаравме што можеме да направиме во врска со прашањата од одбранбената индустрија. Во контекст на евроатлантската безбедност, се согласуваме дека соработката меѓу Туркије и Хрватска во рамките на НАТО дава значаен придонес како за НАТО така и за регионот“, нагласи турскиот министер за одбрана.
Акар истакна дека разговарале и за борбата против терористичките организации и за настаните во Украина.
„Повторивме дека Туркије од самиот почеток го поддржува територијалниот интегритет и суверените права на Украина“, рече Акар.
Тој истакна дека на средбата била истакната важноста на соработката во одбранбената индустрија меѓу Туркије и Хрватска.
Тој додаде дека соработката во областа на одбраната и безбедноста е важна не само за Туркије и Хрватска, туку и за Балканот и за мирот и стабилноста во регионот.
Акар изрази уверување дека посетата, која ја опиша како „важна и значајна“, ќе даде важен придонес за двете земји, регионот, Балканот и НАТО.
- Долгогодишни пријатели -
Министерот Баножиќ ги опиша Туркије и Хрватска како долгогодишни пријатели.
„Имавме многу конструктивна средба со министерот Акар и заедно потврдивме колку добро напредуваат односите меѓу двете земји“, рече Баножиќ.
Тој уште еднаш изрази сочувство до народот на Туркије поради земјотресот и потсети дека веднаш по земјотресот биле испратени екипи од Хрватска за давање помош.
Тој посочи дека секогаш се подготвени да помогнат и ѝ се заблагодари на Туркије за помошта што турските власти ја испратиле во Хрватска по земјотресот што го погоди Петриње во 2020 година.
Тој ја оцени соработката меѓу двете земји во одбранбената индустрија како многу добра и го покани министерот Акар на Јадранската воената и воздухопловна изложба и конференција.
Тој потоа ги коментираше настаните во Украина, која е погодена од војна.
„Хрватска од почетокот на војната ја бранеше независноста и територијалниот интегритет на Украина. Исто така, би сакал да кажам дека секогаш ќе ѝ помагаме на Украина“, рече Баножиќ.
Тој, исто така, изрази благодарност до Туркије за нејзиното политичко лидерство и напорите да се стави крај на војната во Украина и да се постигне прекин на огнот.