Sarp Özer
24 Октомври 2020•Ажурирај: 25 Октомври 2020
КАЈСЕРИ (АА) - Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, изјави дека подготовките за одбранбениот ракетен систем С-400 се одвиваат според претходно предвидениот план, јавува Агенција Анадолија (AA).
„Набавката на овој систем не претставува оддалечување на Турција од НАТО. Ние ќе го користиме системот С-400 на ист начин како што се користи системот С-300 во НАТО-сојузот“, рече Акар во обраќањето во турскиот град Кајсери.
Истакна дека набавката на одбранбениот ракетен систем со долг дострел претставува потреба за заштита на суверенитетот, независноста и безбедноста на 83 милиони луѓе, на татковината и нејзиното небо.
„Во таа смисла, продолжуваме со контролата и со подготовката на системот што го набавивме за таа цел, како што е претходно планирано“, рече Акар.
Тој се осврна и на случувањата во регионот Нагорно Карабах, порачувајќи дека Турција секогаш ќе биде покрај братски Азербејџан.
„Меѓународните институции треба да разберат дека траен мир и стабилност ќе се постигнат со повлекување на Ерменија од окупираните азербејџански територии“, рече Акар, и додаде:
„Западот и денес, како што го правеше тоа и пред 30 години, упорно ги игнорира убиствата и варварството на окупаторска Ерменија, која го крши прекинот на огнот и не бирајќи ја целта врши напади на деца, жени или стари лица. Ерменија, која изврши воено злосторство и злосторства против човештвото, сигурно ќе одговара за овие злосторства пред историјата и меѓународното право“, рече Акар.