Ebru Şengül Cevrioğlu
10 Март 2021•Ажурирај: 11 Март 2021
МЕРСИН (АА) - Нуклеарната централа „Акују“ ќе задоволи 10 отсто од побарувачката на електрична енергија во Турција, со производствен капацитет од 35 милијарди киловат-часови електрична енергија годишно кога ќе биде целосно оперативна, изјави денес турскиот министер за енергетика и природни ресурси Фатих Донмез, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на свеченото положување камен-темелник на третата единица од првата турска нуклеарна централа, Донмез рече дека централата ќе произведува 2.146 терават-часови електрична енергија во текот на нејзиниот 60-годишен животен век.
„Со нула штетни емисии при производството на електрична енергија, „Акују“ е важен дел од нашата зелена цел во енергетиката. „Акују“ ќе спречи емисии на јаглерод диоксид од 128 милиони тони годишно и 2,4 милијарди тони за период од 60 години“, рече Донмез.
Тој истакна дека 16.000 работници ќе бидат ангажирани при најголемата фаза на изградба на централата, а 4.000 ќе бидат вработени за нејзино секојдневно функционирање.
Централата не само што ќе произведува енергија, туку исто така ќе има клучна улога во развојот на домашната високотехнолошка индустрија преку трансферот на знаење.
„Со ваква нуклеарна технологија целиме кон остварување придонес во нашата економија од 6 милијарди долари“, рече Донмез.
- Две милијарди долари стоки и услуги купени од турски добавувачи -
Генералниот директор на Росатом, Алексеј Лихачев, изјави дека изградбата на првиот и вториот реактор на централата ќе биде завршено заедно со изградбата и составувањето на системот за заштита оваа година.
Тој, исто така, напомена дека над 400 турски фирми се ангажирани на местото на изградбата. „Досега од турските добавувачи купени се стоки и услуги во вредност од над две милијарди долари“, нагласи тој.
Меѓувладиниот договор за нуклеарната централа „Акују“, која во моментов се гради во јужната турска областа Мерсин, беше потпишан меѓу Турција и Русија во мај 2010 година.
Церемонијата на свечено отпочнување на изградбата на централата се одржа на 3 април 2018 година, по што започна изградбата на првата единица. Темелите на втората единица беа поставени во април 2020 година.
Во мај минатата година беше поднесено барање за дозвола за градба на четвртата и последна единица, со очекување дека ќе се добие оваа година.
Првата единица на централата би требало да започне со работа во 2023 година, кога Турција ја одбележува јубилејната стогодишнина од прогласувањето на Републиката. Останатите три единици треба да се отворат во интервали од една година, така што централата во полн капацитет би требало да биде оперативна до крајот на 2026 година.