Handan Kazancı
27 Септември 2025•Ажурирај: 28 Септември 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Испораката на нафта преку нафтоводот Ирак-Турција е повторно стартирана утрово во 7:07 часот по локално време, објави турскиот министер за енергетика и природни ресурси Алпарслан Бајрактар, пренесува Анадолу.
Нафтоводот беше затворен од земјотресите на 6 февруари 2023 година, додека турскиот државен оператор на нафтоводот, БОТАШ, го врати во оперативна состојба во октомври истата година, истакна Бајрактар на турската платформа за социјални медиуми NSosyal.
Ирачката државна новинска агенција ИНА, исто така, денес објави дека извозот на нафта од полињата во Регионалната курдска управа во северен Ирак продолжува.
Извозот на нафта е обновен на нафтеното поле Фишхабур со учество на делегација на Регионалната курдска управа, ирачката централна влада и нафтените компании, објави Рудав ТВ од Ербил.
Во четвртокот, ирачкиот премиер Мухамед Шиа ал-Судани изјави дека нафтата произведена на полињата во подрачјето на Регионалната курдска управа во северен Ирак ќе се извезува преку нафтоводот Ирак-Турција.
„Денес постигнавме историски договор според кој Федералното министерство за нафта ќе прима сурова нафта од полињата во регионот Курдистан во Ирак и ќе ја извезува преку нафтоводот Ирак-Турција“, истакна Ал Судани преку американската компанија за социјални медиуми X.
Регионалната курдска управа во северен Ирак претходно објави дека се потпишани договори со локални и странски компании за започнување на извоз на нафта и дека се чека одлуката на ирачкото Министерство за нафта за што поскоро започнување на протокот на нафта.