Sinan Uslu
20 Октомври 2021•Ажурирај: 21 Октомври 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот Парламент треба да го разгледа предлогот поднесен денеска за продолжување на одобрението за започнување прекугранични антитерористички операции во северен Ирак и Сирија, како и за распоредување мировни трупи во Либан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Предлогот, доставен до Парламентот од Владата на претседателот Реџеп Таип Ердоган, ќе ѝ овозможи на турската војска да спроведе прекугранични операции во северен Ирак и Сирија уште две години, од 30 октомври 2021 година до 30 октомври 2023 година.
Во иницијативата се наведува дека ризиците и заканите што произлегуваат од тековните конфликти во близина на јужните копнени граници на Турција продолжуваат и се во пораст.
Нагласувајќи дека Турција дава големо значење на заштитата на територијалниот интегритет на Ирак, националното единство и стабилноста, во иницијативата се вели: „Постоењето на [терористичките организации] ПКК и ДЕАШ во Ирак претставува директна закана за регионалниот мир, стабилноста и безбедноста на нашата земја [Турција].“
Иницијативата, исто така, привлекува внимание на активностите на терористичката организација ПКК/ЈПГ во Сирија, додавајќи дека Турција ги презела неопходните мерки во согласност со нејзините „легитимни национални безбедносни интереси“ за да го зачува „мирот и стабилноста воспоставени во областите на турските операции“.
Исто така, укажува на ситуацијата во подрачјето на Идлиб, последното преостанато упориште на опозицијата во Сирија, наведувајќи дека мирот и стабилноста воспоставени преку процесот од Астана и понатаму се под закана.
Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на повеќе од 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени.
Терористите на ПКК често го користат северен Ирак, веднаш преку турската граница, за да подготват напади во Турција. Турција вели дека ги користи своите права според меѓународното право за да ги гони овие терористи во нивните скривалишта.
Терористите на ДЕАШ извршија повеќе напади против Турција, вклучувајќи најмалку 10 самоубиствени бомбашки напади, 7 бомбашки напади и 4 оружени напади, во кои загинаа 315 лица, а стотици други беа повредени.
Како одговор, Турција започна воени и полициски операции во земјата и во странство за да спречи понатамошни напади.
Од 2016 година, неколку турски прекугранични операции во северозападна Сирија го ослободија регионот од терористите на ЈПГ/ПКК и ДЕАШ, што им овозможи на Сиријците кои избегаа од насилството да се вратат дома.
- Либан -
Според иницијативата, турските пратеници ќе разговараат и за тоа дали да го продолжат распоредувањето војници во Либан за уште една година како дел од Привремените сили на Обединетите нации во Либан (UNIFIL).
Мандатот на турските војници во Привремените сили на ОН во Либан познат и како УНИФИЛ, ќе биде продолжен до 30 октомври 2022 година.
Предлогот досега беше продолжен 14 пати откако за првпат беше одобрен од Парламентот во септември 2006 година.
УНИФИЛ е основан во 1978 година кога Израел се повлече од Либан. Мировните сили имаат за цел да осигураат безбедност и да ѝ помогнат на либанската влада во обновата на нејзиниот авторитет.
Вкупно 10.144 војници од 46 земји се дел од мисијата на УНИФИЛ.