Selma Kasap
13 Јануари 2022•Ажурирај: 14 Јануари 2022
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска во Анкара изјави дека и покрај фактот што Турција е изложена на неправда, Европската Унија (ЕУ) останува стратешки приоритет на Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган денеска во палатата Чанкаја им се обрати на амбасадорите на земјите членки на Европската Унија во Турција, каде што зборуваше за односите на Турција и ЕУ.
Порача дека на сите треба да им биде јасно дека Турција вложила големи напори во контекст на борбата против илегалните миграции и тероризмот.
„Да не беа нашите напори, мигрантската криза уште повеќе ќе се продлабочеше, бројот на жртвите ќе беше поголем, тероризмот уште повеќе ќе дивееше, нестабилноста ќе зафатеше многу пошироки подрачја“, рече Ердоган.
Нагласи дека ЕУ треба да спречи саботажа на односите на Турција и Европа криејќи се зад изговорите за солидарност во Унијата.
„Се надеваме дека Европската Унија во 2022 година ќе ја реши стратешката кусогледост и дека похрабро ќе ги развива односите со Турција“, порача Ердоган.
Тој изнесе и критики на сметка на ЕУ во контекст на кипарското прашање и порача: „За жал, ЕУ, додека слепо дејствуваше како портпарол на грчката страна, ги игнорираше правата и законите на кипарските Турци кои се нераскинлив дел на тоа подрачје.“
Додаде дека секој кој објективно може да согледува, јасно гледа и признава дека „Турција е клучна земја во совладувањето на заканите со кои се соочува Европската Унија“.
„И покрај неправдата на која бевме изложени, Европската Унија останува наш стратешки приоритет, продолжуваме да тежнееме во таа насока“, заклучи Ердоган.