Betül Abbak
15 Јуни 2016•Ажурирај: 16 Јуни 2016
НИГДЕ (АА) - Турскиот суд изрече вкупно десет доживотни затворски казни и дополнителни 454,5 години затвор за четворица припадници на терористичката организација ДАЕШ, кои во турскиот град Нигде во март 2014 година убиле двајца припадници на турските безбедносни сили и еден цивил, а притоа раниле осум лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Кривичниот суд во покраината Нигде, денеска се одржа завршното рочиште на кое им беа изречени казните на обвинетите. Судењето обвинетите го следеа преку видео-линк од затворот во Анкара.
На почетокот на рочиштето, кое во судницата го следеа членовите на семејството на загинатиот турски офицер, обвинетите не го изкористиле правото на последна изјава пред читањето на пресудата. Четворицата обвинети се прогласени за виновни. Чендрим Рамадани од Швајцарија доби петкратна доживотна робија и дополнителни 175 години затвор, германскиот државјанин Бенјамин Су, доби четворократна доживотна казна и дополнителни 131, 5 години затвор, додека на Мухамед Закири од Македонија му е изречена една доживотна казна затвор и дополнителни 134,5 години затвор. На обвинетиот Фуад Мовсумов изречена му е затворска канза од 13,5 години затвор.
Судот ослободи тројца таксисти, на кои им се судеше за истиот случај. Во ослободителната одлука се наведува дека не постојат докази дека таксистите свесно им помогнале на припадниците на терористичката организација.
Осудените, на 20-ти март 2014 година извршија терористички напад во местото Улукишла, во покраината Нигде. Во нападот загина еден офицер на турската армија, еден полицаец и еден цивил, а ранети беа осум лица, од кои седум војници и еден цивил.