Merve Aydoğan
03 Мај 2018•Ажурирај: 03 Мај 2018
АНКАРА (АА) - Портпаролот на турското Министерство за надворешни работи, Хами Аксој, денес изјави дека турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, и неговиот американски колега, Мајк Помпео, се согласиле да се состанат во Вашингтон, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи на прес-конференцијата во главниот град Анкара, портпаролот Аксој истакна дека датумот за нивната посета не е сè уште одреден.
„Чавушоглу и Помпео на 27 април одржаа билатерален состанок за време на Самитот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел. Тие дискутираа за имплементација на пред-договорот за Мунбич, купувањето на системот „S-400“ од Русија и прашањето за американскиот пастор Крег Брунсон“, изјави Аксој.
Во врска со работните групи кои Турција и САД ги воспоставија претходно, Аксој изјави: „Како што знаете, една од работните групи веќе се сретна за прашањата поврзани со конзулатот. Ние се обидуваме да одредиме датум за состанок на другата работна група, која, исто така, може да се сретне наскоро“.
Турција и САД воспоставија работни групи за дискутирање во врска со стабилизацијата во Мунбич, Сирија, и спречување на какви било несакани судири.
Двете држави се обидуваат да решат голем број прашања, главно прашањето за терористичката група ЈПГ/ПКК во Сирија, која САД ја поддржуваат како доверлив сојузник во борбата против ДЕАШ.