Sibel Uğurlu
19 Јануари 2017•Ажурирај: 19 Јануари 2017
АНКАРА (АА) - Парламентот денес ги усвои шестиот и седмиот член од новиот уставен пакет на реформи пред референдумот што најверојатно ќе се одржи во април, јавува Anadolu Agency (AA).
Вториот круг на гласање започна вчера, по речиси тринеделна расправа во Парламентот.
Првиот круг на гласање за реформите беше завршен со усвоени 18 члена од страна на пратениците (секој член со повеќе од 340 гласови за).
Пратениците повторно, по втор пат гласаат за секој член и за целиот пакет реформи.
Членот 6 беше усвоен со 342 гласа за и 138 против, заедно со три празни ливчиња и два неважечки гласа. Отсутни беа 65 пратеници.
Членот ја регулира надзорната моќ на Парламентот, ги дефинира надзорните инструменти како што се „пленарна сесија”, „истражувачка работа на Парламентот“, „парламентарна истрага” и „истрага во пишана форма“, од кои последното се однесува на сите пратеници и членови на кабинетот, вклучувајќи потпретседатели.
Членот 7, кој се однесува на условите за кандидатура за претседател, беше усвоен со 340 гласа за и 136 против, четири ливчиња беа оставени празни, еден пратеник беше воздржан, три гласа беа неважечки и 66 пратеници беа отсутни.
Секој кандидат за претседател мора да има најмалку 40 години, да има универзитетска диплома и турско државјанство. Претседателот служи петгодишен мандат и може да биде повторно избран само еднаш.
Оваа мерка, исто така, ја отстранува одредбата со која се ограничува можноста на претседателот за одржување врски со политичка партија.
Гласањето за дополнување и измена на останатите 12 члена ќе продолжи денес и утре.
Ако реформите добијат поддршка од 367 пратеници, можат да поминат во законот без референдум, иако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека ќе настојува да се одржи референдум дури и ако нацрт-законот биде одоброен со мнозинство од две третини.