Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
03 Јули 2020•Ажурирај: 03 Јули 2020
АНКАРА
Безбедносните сили на Турција во јуни неутрализираа најмалку 128 терористи, соопштија претставниците на власта, јавува Агенција Анадолија (АА).
Гласноговорникот на Министерството за внатршени работи на Република Турција, Исмаил Чатакли, на месечниот брифинг за медиумите соопшти дека меѓу неутрализираните терористи се наоѓаат деветмина терористи од потерницата на Министерството, вклучувајќи шестмина во портокаловата и тројца во сивата категорија.
Потерниците се поделени во пет категории по бои, од кои црвената е за најбараните, а следуваат сината, зелената, портокаловата и сивата.
Чатакли рече и дека во првите шест месеци од 2020 година се неутрализирани 562 терористи.
„Резултатите кои ги постигнавме во овој период, кога бројот на терористите во руралните средини падна на околу 400, ја покажуваат нашата решителност во борбата против тероризмот“, додаде Чатакли.
Не се споделени информации за кои терористички организации станува збор, но ПКК и ЈПГ/ПКК и понатаму се најголема закана.
Во текот на повеќедецениската кампања против Турција, ПКК, која е прогласена за терористичка организација во Турција, САД и ЕУ е одговорна за смртта на речиси 40.000 лица, меѓу кои се жени, деца и стари лица. Терористичката организација ЈПГ е сириски огранок на ПКК.