АНКАРА
Претседателот на Одборот на доверители на Турската аеронаутичка асоцијација (THK), Џенап Ашчи, соопштувајќи дека се извршени студиите за тестирање и сертификација на цивилните авиони двоседи произведени од „THK Aircraft Manufacturing Inc.“, додаде: „Чекаме купувачи за масовно производство на нашите авиони“, известува Агенција Анадолија (АА).
Ашчи во разговор со новинарот на АА зборуваше за производството на цивилните авиони на компанијата THK како дел од проектот за турски спортски авиони.
Зборувајќи дека турската компанија за цивилни авиони „THK Aircraft Manufacturing AŞ“ ги започнала своите активности во 2011 година, Ашчи истакна дека компанијата е основана за дизајнирање, производство, монтажа, сертифицирање, одржување, поправка и снабдување со резервни делови на сите видови воздушни платформи со фиксен мотор и мотор со потисна елиса, наменети за пласман на светскиот пазар и во Турција.

Изјавувајќи дека по основањето, компанијата започнала со производство на домашни цивилни авиони, Ашчи истакна:
„Во тие рамки, „THK Aircraft Manufacturing Inc.“ го започна производството на домашните цивилни авиони, како двосед. Заврши дизајнирањето, производството, тестирањето и сертифицирањето на цивилниот авион, наречен „Турккушу“ со балистички падобран и мотор од 100 коњски сили. Нашиот авион, именуван „Турккушу“, поседува германски сертификат за ултралесен лет што е во согласност со меѓународно важечкиот LTF-UL, и сите други потребни сертификати добиени од Генералниот директорат за цивилно воздухопловство на Турција.“
Посочувајќи дека трупот на авионот е произведен од композитен (PRE-PREG јаглерод) материјал користејќи највисока технологија, Ашчи истакна:
„Нашиот авион има лесен, издржлив труп што ја намалува потрошувачката на гориво и падобран-систем што ќе овозможи слетување во итни случаи. Благодарение на специјалниот дизајн на опремата за слетување, постојат повеќе од една опција за слетување, како на пример на земјена, тревна и асфалтна писта. Благодарение на дигиталниот екран кој е вграден, обезбеден е побрз пристап до повеќе податоци.“
Посочувајќи дека во авионот е вграден ГПС-систем, Ашчи рече: „Брзината на летање на Турккушу е 275 километри на час. Неговата максимална брзина е 380 километри на час. Должината на пистата за слетување-полетување на Турккушу изнесува 150 метри. Овој двосед има опсег на лет од 1.250 километри, а просечното време на лет изнесува 5 часа. Авионот има мала потрошувачка на гориво и користи безоловен бензин од 95 октани.“
Ашчи изјави дека во авионот се користи моторот „Rotax 912 ULS“, со оптоварување на забрзувањето од плус 4G и минус 2G. „Турккушу“ е пријавен дека има максимална тежина при полетување од 472,5 килограми, а максимална тежина од 297 килограми кога е празен.
Информирајќи дека авионот има резервоар со капацитет од 66 литри, Ашчи рече: „Пилотот кој со авионот ќе полета од Анкара со полн резервоар, ќе може да стигне до Измир и да се врати во Анкара.“
Нагласувајќи дека турските цивилни авиони, произведени од домашни извори се подготвени за употреба, Ашчи изјави: „Чекаме купувачи на нашите авиони за нивно сериско производство. Со нашата компанија можат да контактираат сите оние што сакаат да го купат авионот, поволен за широките народни маси, како што се бизнисмените и младите вљубеници во спортското воздухопловство.“
Истакнувајќи дека во моментов имаат два од споменатите авиони, Ашчи рече дека и во случај на поголеми нарачки, нарачките ќе можат да бидат подготвени и испорачани.
news_share_descriptionsubscription_contact
