Burak Dağ
02 Октомври 2020•Ажурирај: 02 Октомври 2020
АНКАРА (АА) - Турското Министерство за одбрана соопшти дека Турција ќе продолжи со поддршка на либиската Влада со обука, консултации и со друг вид поддршка, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Нашите односи засновани на 500-годишна заедничка историја со Либија и нашата обука, поддршка и консултантска поддршка на Владата за национално единство признаена од ОН ќе продолжат“, соопшти Министерството на Твитер.
Договорот потпишан во ноември минатата година за разграничување на подрачјата за поморска надлежност меѓу Турција и Либија е регистриран во ОН.
Се соопштува дека договорот за Турција претставува зајакнување на нејзиниот случај во барањето фер распределба на енергетските ресурси во Источен Медитеран, наспроти грчките максималистички тврдења што ги погазуваат меѓународните закони.
Минатата есен, Анкара и Триполи потпишаа два меморандуми за разбирање, едниот за воена соработка и другиот за поморските граници на земјите во Источен Медитеран.
Либија е средиште на длабока политичка и безбедносна криза уште од 2011 година кога од власта беше соборен и убиен Муамер ал Гадафи. Владата на национално единство на Либија со седиште во Триполи има поддршка од Обединетите нации и меѓународната заедница, додека Хафтар од Тобрук ги предводи нелегитимните сили кои главно се поддржани од Египет и Обединетите Арапски Емирати.
Обединетите нации ја признаваат либиската Влада предводена од Фајез ал Сараџ, како легитимна власт на земјата. Владата од Триполи се бори против милициите на Хафтар кои во април 2019 година започнаа напад за освојување на главниот град, војна во која досега настрадаа над 1.000 лица.