Tevfik Durul
29 Февруари 2020•Ажурирај: 01 Март 2020
АНКАРА (АА) - Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Турција, Хами Аксој, изјави дека со задоволство ја поздравуваат донесената правна регулатива со која Велика Британија на листата на терористички организации ги стави организациите ТАК (TAK) и ХПГ (HPG), кои се ограноци на терористичката организација ПКК/КЏК, јавува Агенција Анадолија (АА).
На прашањето што беше упатено до Министерството во врска со исправката од страна на В. Британија, со која се прифаќа дека ТАК и ХПГ се други имиња на терористичката организација ПКК, портпаролот Аксој даде писмен одговор.
„Со задоволство ја поздравуваме правната исправка на Британија со која на листата на терористички организации, ТАК и ХПГ се ставени како други имиња на терористичката организација ПКК“, напиша Аксој, посочувајќи дека ПКК се користи со такви методи со цел да ја сокрие одговорноста за своите подли напади, во кои цел се цивилите, како и својата поврзаност со други терористички активности.
- „Потребна е соработка во борбата против тероризмот“ -
Портпаролот Аксој, истакна дека од големо значење е отвореното посочување на другите имиња на ПКК. „Оваа исправка од страна на Велика Британија треба да биде пример и за останатите наши сојузници и слично ажурирање треба да се направи и на листата на терористичките организации во земјите од Европската Унија (ЕУ), бидејќи сметаме дека во борбата со тероризмот потребна е меѓународна соработка.“
Одлуката во врска со исправката со која на листата се додаваат и другите имиња што ги користи ПКК стапи во сила откако беше изгласана во британскиот Парламент.
Лицата што се членови или им даваат поддршка на забранетите организации во В. Британија се соочуваат со затворска казна до 10 години.
Познато е дека терористичката организација ТАК е структура на ПКК во градовите, додека ХПГ е во руралните предели.
ТАК во САД е прифатена како „огранок на ПКК“, додека во ЕУ оваа организација на листата на терористички организации е ставена како „организација одделна од ПКК“.