Arife Yıldız Ünal
30 Април 2021•Ажурирај: 01 Мај 2021
АНКАРА (АА) - АРИФЕ ЈИЛДИЗ УНАЛ -
Истанбулскиот аеродром, кој беше отворен од претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, на 29 октомври 2018 година, опслужи 578.118 авиони со 82.789.424 патници од тој датум до 25 април оваа година.
Врз основа на информациите добиени од Генералниот директорат на Државната управа за аеродроми која е дел од Министерството за транспорт и инфраструктура на Турција, Агенција Анадолија (АА) дојде до податокот дека Аеродромот „Истанбул“, кој се опишува како „Споменик на победата на Турција“, придонесе авионската индустрија да се донесе на светскиот врв.
Од отворањето на Аеродромот „Истанбул“ до 25 април остварени се вкупно 578.118 летови, од кои 158.932 на домашни релации и 419.186 на меѓународни релации. Опслужени се вкупно 82.789.424 патници, 21.991.564 патници на домашни релации и 60.797.860 на меѓународни релации.
Од 11 март 2020 година, кога во Турција беше забележан првиот случај на епидемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19), која го зафати целиот свет, до 25 април, на Истанбулскиот аеродром, на домашни релации остварени се 57.335 летови и 113.482 на меѓународни релации, вкупно 170.817 летови. Аеродромот „Истанбул“ опслужи вкупно 19.472.512 патници, од кои 6.619.567 на домашни релации и 12.852.945 на меѓународни релации.
- Прв во Европа и во периодот на епидемијата -
Аеродромот „Истанбул“, кој продолжува да реди успеси на светско ниво и во услови на епидемија, годинава го зазеде првото место во Европа според податоците на Европската организација за безбедност на воздушната навигација (ЕВРОКОНТРОЛ). Истовремено тој ја задржа титулата „најфреквентен аеродром на континентот“.
Аеродромот „Истанбул“ е рангиран на првото место со 63.064 летови во јануари, февруари, март и април оваа година, според податоците што ги објави ЕВРОКОНТРОЛ.
По Аеродромот „Истанбул“ следува Аеродромот „Шарл де Гол“ во Париз со остварени 53.921 летови, Аеродромот „Шипхол“ во Амстердам оствари 52.532 летови, а на аеродромот во Франкфурт спроведени се 52.464 летови.
Според објавениот број летови во периодот од 1 до 31 март, Аеродромот „Истанбул“ секој ден завршуваше на прво место.
Аеродромот во Истанбул, во споменатиот период беше прв со 17.407 летови, а по него следуваат Аеродромот „Шарл де Гол“ во Париз со 14.186 летови, аеродромот во Франкфурт со извршени 13.708 летови, аеродромот во Амстердам со 12.874 летови и аеродромот во Мадрид со 11.407 летови.
И покрај епидемијата што го зафати целиот свет, минатата година Аеродромот „Истанбул“ се најде на првото место по бројот на патници меѓу европските аеродроми, опслужувајќи 23,4 милиони патници. Следуваат Аеродромот „Шарл де Гол“ во Париз со 22,3 милиони, лондонски „Хитроу“ со 22,1 милиони патници. Аеродромот „Шипхол“ во Амстердам се најде на четвртото место со 20,9 милиони, додека аеродромот во Франкфурт е на петто место со 18,8 милиони патници.
Според студијата на „Скајтракс“, која ги опфаќа и авиокомпаниите и аеродромите, Аеродромот „Истанбул“ бил еден од аеродромите со 5 ѕвездички на листата на аеродроми според оценките за степенот на безбедност од Ковид-19.
Аеродромот „Истанбул“ е осми глобален центар за авиосообраќај што доби 5 sвездички во светот, покрај Меѓународниот аеродром „Хамад“ во Доха, Меѓународниот аеродром „Хонгконг“, Аеродромот „Минхен“, Меѓународниот аеродром „Инчон“ во Сеул, Меѓународниот аеродром „Пудонг“ во Шангај, Аеродромот „Чанги“ во Сингапур и Меѓународниот аеродром „Токио Нарита“.