Zafer Fatih Beyaz
23 Ноември 2017•Ажурирај: 24 Ноември 2017
АНКАРА (АА) - ЗАФЕР ФАТИХ БЕЈАЗ - Во рамките на главната судска постапка против терористичката организација ФЕТО, Турција бара испорачување на 45 обвинети лица за кои е утврдено дека побегнале во странство, јавува Anadolu Agency (AA).
Главната судска постапка против ФЕТО се води пред 4. Кривичен суд во Анкара, а судот до турското Министерство за правда достави барања за испорачување на 45 барани бегалци од вкупно 22 земји.

Челниците на ФЕТО, вклучувајќи го и водачот на таа огранизација, Фетула Ѓулен, побегнаа од гонењето на турските органи и утврдено е дека се наоѓаат во 22 земји во светот.
Турција ќе бара испорачување на бегалците од САД, Велика Британија, Израел, Германија, Белгија, Норвешка, Камбоџа, Тајланд, Мадагаскар, Малта, Буркина Фасо, Мозамбик, Египет, Туркменистан, Киргистан, Казахстан, Албанија, Холандија, Того, ЈАР, ОАЕ и Узбекистан.
Покрај водачот на ФЕТО, Ѓулен, Турција меѓу останатото ќе побара испорачување и на поранешниот главен уредник на весникот „Заман“, Екрем Думанли, имамот на ФЕТО во правосудството, Ахмет Џан, секретарот на Ѓулен, Џевдет Куруџан, имамот на ФЕТО во полициските и воените академии Саит Аксој, главниот координатор на ФЕТО во странство, Али Урсаваш, поранешниот челник на Управниот одбор на банката „Asia“ (Асиа), Мустафа Талат Катирциоглу и Шереф Али Текалан, кој на почетокот на оваа година е именуван за директор на американскиот Универзитет „Норт американ“ (North American) во Тексас.
Едно од барањата за испорачување ќе биде упатено и до властите на Албанија, во која според сознанијата се наоѓа еден од челниците на ФЕТО, Невзат Ајваџи.
Меѓу подготвените барања за испорачување на Турција е и она на име Мустафа Озџан, кој се смета за ФЕТО имам за Балканот, а тој престојува во Казахстан.
Станува збор за бегалци на ФЕТО против кои обвинението во Анкара е подигнато пред минатогодишниот 15 јули и обидот за воен удар што го извршија припадниците на таа терористичка организација кои претходно се инфилтрираа во војската, полицијата и во други турски институции.
Групата, меѓу останатото, се товари за обид за окупација на државните институции, рушење на уставно-правниот поредок во Турција и за воспоставување авторитарна олигархија.