Muhammed Ali Toruntay
16 Мај 2022•Ажурирај: 18 Мај 2022
АНКАРА (АА) - Министерството за одбрана на Република Турција соопшти дека турските сили во областа на операцијата „Канџа-Катанец“, во северен Ирак, пронашле и заплениле поголемо количество оружје, муниција и експлозиви и друга опрема наменета за изработка на експлозивни направи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според информациите на турското Министерство, запленети се 108 рачни бомби, два рачни ракетни фрлачи (РПГ-7), еден противвоздушен ракетен фрлач, три пешадиски пушки АК-47, три пешадиски пушки М-16, една снајперска пушка М-4, една автоматска пушка ПКМС со калибар 7,62 мм, четири снајперски пушки Драгунов и една снајперска пушка од типот Загрос.
Покрај оружје, запленети се експлозиви и опрема за израбока на мини, 18 системи за нагазни мини, повеќе од еден тон гориво, агрегати и основни прехранбени производи што ги користеле терористите.
Турција во април ја започна операцијата „Канџа-катанец“, насочена кон засолништата на терористите на ПКК во северните ирачки области, особено во областите Метина, Зап и Авасин-Басјан.
Претходно во 2020 година Турција ги започна операциите „Канџа-тигар“ и „Канџа-орел“ со цел да се осигура безбедноста на турскиот народ и границите, со неутрализирање на заканата од ПКК и другите терористички групи кои го користат северен Ирак за планирање на прекугранични напади.
Турските безбедносни сили водат опсежна борба против терористите на ПКК во Турција, но и во северните соседи Ирак и Сирија. ПКК е сепаратистичка организација која се наоѓа на листата на терористички организации во Турција, Европската унија и САД. За време на повеќедецениската терористичка кампања против Турција, терористите на ПКК убија најмалку 40.000 луѓе.