Seda Sevencan,Dilara Hamit
10 Мај 2021•Ажурирај: 11 Мај 2021
АНКАРА (АА) - Турција го осуди продолжувањето на израелските напади врз Палестинците кај џамијата „Ал-Акса“ во окупираниот Источен Кудс (Ерусалим), јавува Агенција Анадолија (АА).
„Го осудуваме продолжувањето на операциите на израелските безбедносни сили кои истрелуваат гранати и користат сила против палестинските цивили, кон верниците во џамијата Ал-Акса, како и кршењето на светоста на Харам ал-Шериф, и покрај сите повици од меѓународната заедница. Очекуваме овие напади да бидат запрени што е можно поскоро“, соопшти турското Министерство за надворешни работи.
Министерството го повтори својот повик до израелската администрација да ги преземе неопходните мерки за запирање на нападите на расистичките еврејски групи и безбедносните сили кај џамијата, како и да ги спречи расистички групи да влезат во Харам ал-Шериф.
Се додава дека тажните настани што продолжија во текот на месецот Рамазан уште еднаш ја покажаа важноста на меѓународната заштита на палестинските цивили во рамките на одлуките на Организацијата за исламска соработка и Генералното собрание на ОН, кои беа усвоени под раководство на Турција во 2018 година.
„Единствениот начин да ги спречиме таквите инциденти во окупираните територии е Израел да одговара за акциите на меѓународната арена“, се наведува во соопштението.
Претходно, за овие случувања турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, разговараше телефонски со своите колеги од Иран, Алжир, Пакистан и Русија.
И утринава израелските сили интервенираа против Палестинците кои се собраа по утринската молитва (сабах-намаз) со цел да го спречат влезот на радикалните еврејски групи во комплексот „Ал Акса“.
Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека бројот на повредени во интервенциите на израелските сили против Палестинците во комплексот на џамијата „Ал-Акса“ во окупираниот Кудс е зголемен на 305.